Компанијата Алкалоид ќе донира 250.000 куни кои ќе бидат наменети за ублажување на последиците од земјотресот врз објектите на Клиниката за женски болести и пораѓања и Клиниката за белодробни заболувања.
Длабоко свесни за тешката состојба во која се најде Клиничкиот центар Загреб, најголемата и најпочитуваната здравствена установа во Хрватска, македонската фармацевтска компанија “Алкалоид” одлучи да помогне во надминување на последиците од катастрофалниот земјотрес и растечката пандемија на „Ковид-19“.
Компанијата Алкалоид ќе донира 250.000 куни кои ќе бидат наменети за ублажување на последиците од земјотресот врз објектите на Клиниката за женски болести и пораѓања и Клиниката за белодробни заболувања.
“Се надеваме и веруваме дека донираните средства ќе придонесат за подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал во неговата благородна мисија во услови на пандемијата и подобрување на условите за престој на пациентите во нивните капацитети”, велат од Алкалоид.
Водејќи се од принципите на општествена одговорност на компанијата и хуманата програмско-производна насоченост посветени првенствено кон крајните корисници, Алкалоид од почетокот на годинава донираше повеќе од 300.000 евра на повеќе здравствени установи и здруженија за набавка на реагенси, лекови, уреди, средства за хигиена и слични потреби.
За помош на македонскиот здравствен систем во борбата со Ковид 19, Алкалоид неодамна донираше 200 илјади евра.
Но, покрај донациите во Македонија и во Хрватска, Алкалоид од почетокот на април годинава донираше и во Бугарија, Босна и Херцеговина и Србија.
„Во услови кога сите економии се препуштени самите на себе и се борат да ги ублажат последиците од новата економска криза, кога загубата на работните места се неизбежен дел од оваа сурова реалност, кога логистичките нарушувања го отежнуваат пласманот на производи, ретки се компаниите кои можат да ги совладаат овие предизвици и да им помогнат на нивните економии во толку тешки времиња. На сите ни е наметната нова норма на социјално достанцирање и виртуелни контакти, но се надевам тоа е само привремено и дека ќе излеземе од ова лошо искуство со лекција што веројатно веќе сите ја научивме: дека понекогаш треба да забавиме и да ги цениме малите работи во животот. Да ги поздравиме медицинските сестри, здравствените работници, хигиеничарите, продавачите во маркетите, фармацевтите и вработените во аптеките, превозниците, пекарите, да посветуваме квалитетно време на нас самите и на нашите најблиските “, вели Живко Мукаетов, генерален директор и Претседател на Управниот одбор на Алкалоид.
Алкалоид е присутен во Хрватска уште од 1969 година и е една од најголемите фармацевтски генерички компании на овој пазар, а само во подружницата во Загреб се вработува 50 лица.
Поикрај во Хрватска, Алкалоид со свои подружници е присутен во целиот регион, вклучувајќи ги Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија и Бугарија.