Македонскиот фармацевтски гигант „Алкалоид“ на 17 мај ќе почне да ја исплатува дивидендата на своите акционери. Бруто износот по акција е 490, а нето износот 441 денар. Одлуките се потврдени од акционерите на Годишното собрание што се одржа вчера.
Од реализираните минатогодишни активности „Алкалоид“ оствари нето добивка од 22,8 милиони евра (1.411.542.912 денари). За дивиденда и за данок на личен доход се издвоени 11,35 милиони евра (701.362.970 денари), додека за инвестиции се распределени 11,49 милиони евра (710.179.942 денари). Инаку, дел од ланските резултати од работењето се и 231,9 милиони евра остварени од продажба, 16 проценти раст кај извозот, 23,9 милиони евра инвестиции, 187 нови вработувања…
Компанијата преку Берзата известува дека 18 април е последниот датум на тргување со право на дивиденда, прв датум на тргување без право на дивиденда е 19 април, а пак, 20 април е датум за стекнување право на дивиденда за 2022 година.
Исто така, од „Алкалоид“ информираат за промена во Надзорниот одбор. На досегашните членови проф. д-р Миодраг Мицајков, проф. д-р Илија Џонов и Бојанчо Кралевски на 25 месецов им завршува четиригодишниот мандат. Мицајков и Кралевски се реизбрании, а нов независен член е Лидија Софревска Андонова. Мандатот на овој состав на НО почнува од 26 април.