ПОВЕЌЕ

    АКТИВАТА НАДМИНА 3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА – Колкава е добивката на Комерцијална банка?

    Време зa читање: 3 минути

    Високи 69,1 милион евра е добивката на Комерцијална банка остварена од работењето во трите годинешни тримесечја. Можеби делува изненадувачки во споредба со ланските 71,9 милиони евра, но и на најголемите и најдобрите им се случува да запишат минус. Во случајот, од 3,9 отсто. Сепак, тоа не претставува отстапување од зацртаното, бидејќи планираната бруто-добивка за трите квартали од годинава е остварена со 110 проценти.

    Банката ги лоцира причините за падот:

    „Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 4,8 % пониска во однос на истиот период минатата година. Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од намалените останати приходи од дејноста (пред сè помал износ на наплатени претходно отпишани побарувања и помал износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот во однос на претходната година), a во помал обем и поради зголемените вкупни расходи од работењето кои не ги надминуваат планските проекции“.

    Комеријална банка има солидна база на која се засноваат деловните функции. Доверени ѝ се 2,6 милијарди евра – пари од населението, бизнисите и банкарскиот сектор, кои во деветте месеци пораснале за 3,4 насто. Исто така, тој износ претставува 25,49 отсто од вкупните депозити во банкарскиот систем кои, според септемвриските податоци на Народната банка, достигаат 10,2 милијарди евра.

    Паралелно со тоа, кај кредитокорисниците Банката има пласирано 1,37 милијарди евра, што е проследено со зголемување од 6,4 насто, а тоа велат од Комерцијална банка, е „резултат на зголеменото кредитирање на секторите домаќинства и нефинансиски друштва“.

    Од јануари до крајот на септември, во банката се слеале приходи од 104,9 милиони евра. Во овој сегмент падот се мери со 2,6 отсто.

    Главниот чинител на приходната страна – средствата што произлегуваат од каматите, во нето износ се зголемени за минимални 1,1 насто, а сумата е 73,1 милион евра и ја одразува состојбата по исплатата на обврските. А, само од наплатата, приходите по основ на камата се близу 83,4 милиони евра и се зголемени за 1,7 насто. Расходите, пак, се повисоки за 6,7 насто.

    Од провизиите и надоместоците во трите квартали Банката заработила нето 14,7 милиони евра, износ за 3,3 насто поголем од минатогодишниот.

    Поголем раст, од 20,9 насто има кај нето-приходите од курсни разлики, кои донеле 5,3 милиони евра. Останатите приходи од работењето изнесуваат речиси 11,9 милиони евра и бележат намалување од 26,1 отсто.

    Кај трошоците има зголемување. Оперативните расходи го надминуваат прагот од 29 милиони евра и за една година пораснале за 3,7 насто. Пред сѐ, како одраз на зголемениот износ на плати и другите трошоци за вработените.

    Во хартии од вредност Банката вложила 560,4 милиони евра. Тој износ е за 7,8 отсто помал од ланскиот во истиот период.

    На крајот од септември, вкупната актива на Комерцијална банка достигнала износ од 3,03 милијарди евра. Споредено со последниот ден од декември 2024 година и тогашните 2,9 милијарди, регистрирано е зголемување од 4,5 насто.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично