Силните ветрови предизвикaa откажувања на фериботи, но и висок ризик од пожари денес, на самиот почеток на викендот, во неколку региони низ Грција.
Поаѓањата на фериботи од пристаништата Пиреја, Лаврио и Рафина до егејските острови, особено Кикладите, се откажани најмалку до 12:00 часот поради силни ветрови што достигнуваати до 9 бофори. Според поморската скала за јачина на ветришта, 9 степени на Бофортовата скала, означуваат исклучително силен ветер на море со брзина на ветерот помеѓу 41-47 јазли или 75-88 km/h. Оваа сила на ветерот создава високи бранови со гребени кои можат да превртат, што доведува до големи количини на пена и прскање, значително намалувајќи ја видливоста.
Поради ваквите временски неприлики, суспендирани се траектните линии од и кон следните големи пристаништа во Грција:
Пиреја: Сите линии се суспендирани.
Лаврио: Нема линии до Китнос или на линијата Агија Марина-Неа Стира.
Рафина: Сите поаѓања до Кикладите се откажани, иако фериботите до Мармари сообраќаат нормално.
Траектните линии за Аргосаронскиот Залив, засега работат според распоредот.
Единствените фериботски линии што сообраќаат се оние до островите во Саронскиот Залив од пристаништето Пиреја и од Рафина до Мармари, Евија.
Крајбрежната стража им советува на патниците да ги контактираат своите бродски компании за ажурирани времиња на поаѓање и да избегнуваат предизвикување сообраќаен метеж во пристаништата.
ПОВТОРНО ЕКСТРЕМЕН РИЗИК ОД ПОЖАРИ ВО ОВИЕ РЕГИОНИ
Генералниот секретаријат за цивилна заштита издаде „црвена тревога“ (односно категорија на ризик 5) за голем број области поради услови што се исклучително поволни за појава и ширење на пожари. Предупредувањето е во сила за: Атика (вклучувајќи ги Китира), Централна Грција (Беотија и Евија) и Пелопонез (Арголис, Коринтија и Лаконија)
Предупредување за „Многу висок“ ризик од пожар (категорија 4) е во сила и за единаесет други региони, вклучувајќи делови од Западна Грција, Пелопонез, Кикладите, Крит и Јонските острови.
Грчките власти ги повикуваат граѓаните и туристите да бидат исклучително внимателни и да избегнуваат каква било активност што може да предизвика пожар, како што се палење сува трева, користење опрема што предизвикува искри или фрлање запалени цигари. Доколку видите пожар, веднаш јавете се во Противпожарната служба на 199, се вели во соопштението издадено од Противпожарната управа на Грција.
(Фото:GreeceTravelSecrets)