Домаќинствата со навиките за штедење, но и со потребата од позајмици, имаат поголем придонес за растот и на депозитите и на кредитите, во однос на компаниите. На годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 8,2 насто и во мај изнесуваат 542,765 милиони денари или 8,8 милијарди евра. Кај вкупните кредити има раст од 6,8 проценти и тие се на ниво од 458,708 милиони денари, односно 7,4 милијарди евра. Забележливо е дека и во двата сегменти се зацврстува позицијата на домашната валута.
На депозитната страна граѓаните имаат дел од 364,565 милиони денари (5,9 милијарди евра), а корпоративниот сектор 152,278 милиони денари (близу 2,5 милијарди евра).
Од аспект на задолженоста кај банките, населението предничи со 235,761 милион денари (над 3,8 милијарди евра). Кредитната поддршка штоја добиле компаниите е 220,352 милиони денари (речиси 3,6 милијарди евра).
Податоците од Народната банка покажуваат дека во мој месечниот раст на вкупните депозити изнесува 0,8% и речиси во целост произлегува од движењето во корпоративниот сектор. Во текот на истиот месец кредити се зголемени за 0,9%, а во овој сегмент позначаен е уделот на домаќинствата.
Кај парите што граѓаните ги довериле на банките, во мај нема промени во споредба со април. Но, во однос на состојбата од пред една година, забележано е зголемување за 10,2% што е резултат на повисоките депозитни пари и на долгорочните депозити во денари и во странска валута.
Наспроти стагнацијата кај влоговите, кредитите за еден месец се зголемиле за еден процент. Таквото движење, појаснуваат од Народната банка, произлегува од поголемиот обем на задолжувањето во денари кредитирање во денари, иако има раст и кај девизните кредити. На годишна основа се работи за плус седум проценти.
Бројките покажуваат дека и натаму се најбарани потрошувачките и станбените кредити. Првите се во функција на прва помош и за гасење на поали „пожари“, а вторите за решавање на едно од најзначајните животни потреби. Во петтиот месец од годинава тие се зголемени за 0,7% и 0,9%, а постигнатиот годишен раст е 6,1% и 10,8%. Или, станува збор за износи од 121,001 милион денари (1,96 милијарди евра) и 86,371 милион денари (1,4 милијарди евра).
Во мај се купувале и возила, па оттаму кај одобрените кредити за таа намена има зголемување од 5,2%, додека на годишна основа е 21,7%.
Трендот на намалување на задолжувањето преку кредитни картички се задржува и во мај. Месечниот пад е за 0,1, а годишниот за 7,9 отсто. Зголемување има кај негативните салда на тековните сметки за месечни 7,3%, додека на годишна основа има пад од 2,2%. Кредитите, пак, одобрени по други основи се пониски за 1,4 отсто на месечно ниво, а на годишно за 20,7 проценти.
Депозитите на компаниите во мај се повисоки за 2,4%, а тоа произлегува од зголемените депозитни пари, долгорочни девизни, но и краткорочни и долгорочни денарски депозити. На годишна основа се поголеи за пет насто.
Кредитите бележа и месечен и годишен раст од 0,8 и 6,4 проценти. Според Народната банка, нагорното движење се базира на одобрените кредити во денари.