Од денес почнува исплатата на дивиденда за акционерите на Макпетрол. За секоја акција ќе им биде пресметан износ од 4.200 денари. Ќе бидат распределени бруто 424.804.800 денари или 6,9 милиони евра за успешно одработената 2024 година.
„Макпетрол, согласно Одлуката за плаќање на дивиденда по Годишната сметка на Друштвото за 2024 година (Дивиденден календар) број 0201-31/2-3 од 20.5.2025 година, донесена на XXIX-тото годишно Собрание на акционери, објавува дека на ден 26.08.2025 година, започнува со исплата на дивиденда во бруто износ од 424.804.800 денари, односно во бруто-износ од 4.200 денари по акција“, се вели во информацијата споделена преку Македонска берза.
Минатата година Макпетрол ја заврши со добивка од 17,3 милиони евра. Според одлуките од акционерското собрание, во поделбата влегуваат и над 26 милиони евра од акумулираната добивка од претходните години. Освен за дивиденда, средствата се насочени за повеќе намени.