ПОВЕЌЕ

    АКЦИЈАТА на СТББТ ТРЕТ МЕСЕЦ МЕЃУ НАЈТРГУВАНИТЕ, на Македонијатурист вице-шампион во октомври

    Време зa читање: 3 минути

    Акцијата на Комерцијална банка цврсто опстојува на позицијата најтргувана, а на Стопанска банка Битола трет месец по ред е во друштвото на петте најпосакувани од страна на инвеститорите. Одмерувањето на силите за доминација во сопственичката структура на „Македонијатурист“, присутно последниот период, ја искачи акцијата на третото место. Исто така, има и голем придонес и во зголемениот промет и во бројот на блок-трансакциите реализирани во текот на октомври.

    Во десеттиот месец од годинава вкупниот берзански промет бележи раст од 125,25 проценти и износ од 1.968.807.023 денари или над 32 милиони евра. Прометот со акции е надминат за 58,27 насто (715.368.713 денари/11,6 милиони евра), а остврениот преку обврзници за многу високи 637,64 проценти (22.892.020 денари/372,2 илјади евра).

    Во статистиката се регистрирани 1.847 трансакции, за 0,65 насто повеќе во споредба со септември. Овој месец во берзанскиот билтен се запишани блок-трансакции со вкупна вредност од 1.230.546.290 денари (над 20 милиони евра), при што за еден месец има зголемување од 193,71 процент. Оваа сума во вкупниот промет на Македонска берза зафаќа 62,50 проценти. Бројот, пак, на изведените блокови – 39, е поголем од септемвриските за 160 насто.

    Што се однесува до најатрактивните акции за инвеститорите – прометот со истргуваните хартии од вредност на Комерцијална банка во октомври достигнува 254.360.502 денари (4.136.302 евра) и учество од 35,61 процент. Притоа, максимално постигнатата цена е 24.094, а просечната 23.975,92 денари. Во купопродажните активности се забележани 779 трансакции и 10.609 акции.

    Актуелна во изминатите неколку месеци, се чини акцијата на „Македонијатурист“ стана ососбено привлечна во текот на октомври, а интензивното темпо на тргување се префрли и во ноември. Минатиот месец највисоката цена била 9.200 денари, а просечната 8.293,66 денари. Истргувани се 18.714 акции преку 83 трансакции за вкупно 155.207.584 денари (2.523.913 евра), со кои во структурата на прометот ума удел од 21,73 проценти.

    По едномесечен престој во вториот дел од табелата, акцијата на „Макпетрол“ се врати во првата петорка со промет од 94.914.686 денари (1.543.566 евра) и учество од 13,29 проценти. Низ 105 трансакции биле истргувани 1.114 акции, чија просечна цена е 85.201,69 денари, додека октомврискиот максимум е 86.500 денари.

    Постојано на второто, а сега на четвртото место се рангира акцијата на „Алкалоид“. Минатиот месец интересот за тргување е претставен преку 272 трансакции и количина од 3.451 акција, со остварени 76.830.346 денари (1.249.385 евра) и удел од 10,76 отсто во целосниот берзански промет. Цената својот максимум го достигнала на 22.500 денари со просек од 22.263,21 денар.

    Три месеци со ред меѓу најтргуваните е акцијата издадена од Стопанска банка Битола со максимална и просечна цена од 3.300, односно 3.207,39 денари. Истргувани се 14.507 акции, со кои во 57 трансакции е достигнат промет од 46.529.535 денари (756.649 евра). Во вкупниот промет партиципира со 6,51 процент.

    Помежу сите позитивни движења на берзата во октомври, има и неколку стрелки свртени надолу. Пазарната капитализација е намалена за 0,33 отсто и има износ од 304.458.398.525 денари или 4,95 милијарди евра. Пад е забележан и кај МБИ10 – од 1,79 проценти, па вредноста на основниот индексот е 8.621,61 поен.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично