По извршената промена од акционерски во ДООЕЛ друштва, струмичките компании Герас Цунев Конфекција и Герас Цунев Трговија немаат основа за котирање на домашниот пазар на капитал. Одлуката за нивно исклучување е донесена од страна на раководството на Македонска берза.
„Одборот на директори на Македонската берза донесе Одлука за исклучување од котација на акциите издадени од Герас Цунев Конфекција АД Струмица со ИСИН MKGECK101012 и со шифра GECK и Герас Цунев Трговија АД Струмица со ИСИН MKGECT101013 и со шифра GECT, поради трансформација на друштвата во друштва со ограничена одговорност едно лице (д.о.о.е.л.). Акциите издадени од Герас Цунев Конфекција АД Струмица и Герас Цунев Трговија АД Струмица ќе бидат исклучени од котација на Официјалниот пазар на Берзата, почнувајќи од 24.11.2025 година (понеделник)“, соопштија од Македонска берза.
Инаку, како што беше објавено минатиот месец, преобразбата била потврдена од акционерите на собранијата одржани во јуни, а потоа и заведена во Централниот регистар.
Единствениот нивен сопственик е Тотал Инженеринг на Вице Заев, кој лани даде понуди за преземање, кои Комисијата за хартии од вредност ги прогласи за успешни на 10 јануари годинава. Акциите беа купени по 310 денари за акција. Извесно време, пак, пред да настапи со понудите, Тотал инженеринг стана мнозински сопственик во овие две друштва – со 73,25 проценти во Трговија и 73,3 проценти во Конфекција.
Според берзанските податоци, за овие акции немало интерес од инвеститорите. Последните тргувања датираат од 22 јануари, а во изминатите 52 недели и кај Трговија и кај Конфекција се регистрирани по една трансакција.
Аналитика








