Раст на пазарната капитализација и на МБИ10, пад на прометот и бројот на трансакциите се главните обележја на берзанските активности во текот на последниот месец од минатата година. Воедно, нема промени кај најтргуваната акција, инвеститорите најголем интерес покажале за хартиите од вредност издадени од Комерцијална банка. Но, и воопшто за банките. Акциите на три македонски банки се на листата топ пет најтргувани.
На крајот од декември пазарната капитализација на акциите е 231.354.679.050 денари или 3,76 милијарди евра, што претставува зголемување за 0,81 процент во однос на ноември. Индексот МБИ10 е повисок за 1,16 насто и изнесува 6.116,23.
Сепак, има намалување кај прометот за 6,04 и кај реализираните трансакции за 18,85 отсто. Според декемврискиот берзански билтен, забележан е промет од 326.270.141 денар (5,3 милиони евра), остварен преку 1.145 трансакции.
Во декември, со истргувани 8.035 акции на Комерцијална банка преку 381 трансакција, достигнат е промет од 114.752.424 денари (1.866.068 евра). Притоа, просечната цена е 14.281,57 денари. Во сруктурата на вкупниот промет учеството на оваа акција е 43,65 проценти.
На втората позиција е акцијата на НЛБ Банка, која забележала просечна цена од 29.291,85 денари. Истргувана е количина од 1.515 акции, по што во БЕСТ системот е евидентиран промет од 44.377.153 денари (721.657 евра), релизиран преку 129 трансакции. Со ова, во структурата има удел од 16,88 проценти.
Промет од 31.811.590 денари (517.317 евра) е резултатот од декемвриските истргувани 1.749 акции издадени од скопски „Алкалоид“. Со нив се направени 155 трансакции, а во вкупниот промет овие акции партиципираат со 12,10 проценти.
Акцијата на „Макпетрол“ е четврторангирана. Просечната цена е 64.578,13 денари, а истргувани се 355 акции. Преку 77 трансакции остварен е промет од 22.925.237 денари (372.816 евра), чиј удел е 8,72 проценти.
Во топ пет најтргувани се и акциите на Стопанска банка Скопје, чие учество во вкупната структура на берзанскиот промет е 4,72 проценти. Истргувани се 9.427 акции, при што е постигната просечна цена од 1.316,28 денари. По реализираните 74 трансакции, прометот во декември изнесува 12.408.531 денар (201.784 евра).
Презентираните податоци од Македонска берза покажуваат дека најголем пораст на просечната цена е регистриран кај акцијата на ФЗЦ „11 Октомври“ Куманово. Вредноста се зголмила за 33,33 насто, односно на последниот ден од ноември просекот бил 300, а на крајот од декември 400 денари. Најголем пад, пак, има кај просечната цена на акцијата од „Раде Кончар – Апаратна техника“ Скопје. Од 2.000 на 1.400 денари, со што бележи минус од 30 проценти.
Што се однесува до пазарната капитализација, тука на првото место е „Македонски телеком“. Вкупната вредност на неговите акции е 36.782.923.764 денари или 598,48 милиони евра. Во ова друштво на втората позиција е Комерцијална банка со 32.423.898.768 денари/527,56 милиони евра, а третото место го држи „Алкалоид“ со пазарна капитализација од 25.985.569.606 денари, односно 422,8 милиони евра.