Според најновиот квартален финансиски извештај, приходите на Apple биле малку под претходните прогнози, но технолошкиот гигант оствари нето добивка поголема од очекуваната и покрај недостатокот на одредени производни компоненти, што го чинеше шест милијарди долари во набљудуваниот квартал.
Компанијата, со пазарна вредност од 2,5 трилиони долари, објави приход од 83,4 милијарди долари во фискалниот квартал кој заврши во септември, што е за 29 отсто повеќе од претходната година, но помалку од претходната прогноза над 84,3 милијарди долари.
Вредноста на акциите на Apple падна за пет отсто поради промашените цели, во тргувањето по затворањето на берзите на Волстрит.
Нето добивката, од друга страна, ги надмина прогнозите и достигна 20,5 милијарди долари, наспроти прогнозите од 20,2 милијарди долари.
Во својот извештај, американскиот ИТ гигант не сакаше да понуди насоки за празничниот квартал, убедливо најважниот продажен период во годината, што е практика што ја има од почетокот на пандемијата.