Акцијата на Адинг ја предводи јануарската берзанска листа на хартии од вредност кои во текот на јануари оствариле најголем раст. Вредноста на оваа акција е зголемена за 8,33 насто, од 2.400 на 2.600 денари.
По двомесечниот престој на негативната листа, акцијата на Стопанска банка Скопје во јануари зајакна за 2,80 насто и е втора по висината на растот. Просечната цена во декември била 2.621,60, а во јануари 2.695 денари.
На 30 декември акцијата на ЗК Пелагонија Битола вредела просечни 3.500 денари, еден месец подоцна 3.550 денари. Промената е означена со плус 1,43 насто.
На четвротот и петото место, со месечен раст под еден процент, се двете најтргувани акции на официјалниот пазар.
Акцијата на Комерцијална банка ја зголемила вредноста за 0,79 проценти, од декемвриските 27.844,95 денари на 28.065,43 денари во јануари.
За 0,77 насто пораснала просечната цена на акцијата со знакот на Алкалоид. На крајот од декември просекот бил 24.996,62 денари, а на последниот ден од јануари 25.187,85 денари.
Најголемото опаѓање од 12,89 отсто е регистрирано кај акцијата на Хотели Метропол Охрид, при што во јануари имала просечна вредност од 250 денари. Претходната цена била 287 денари.
За 40 денари се намалила вредноста на акцијата на Македонски Телеком, што претставува минус од 8,7 проценти. Јануарскиот просек е 420 денари.
За 6,40 отсто опаднала цената на акцијата издадена од Жито Лукс. Од 125 на 117 денари.
Следи акцијата на Тетекс Тетово, чијашто цена се намалила од 2.300 на 2.165, за 5,87 отсто.
Оваа листа се заокружува со НЛБ Банка и со негативната месечна промена од 3,47 отсто. Акцијата во декември чинела 56.399,38 денари, а јануари го завршила со просечни 54.444,64 денари.
M.A
Аналитика








