Airbnb изјави дека поставува опсег на цени од 44 до 50 долари за неговата првична јавна понуда, што би собрало до 2,85 милијарди долари и ќе ја процени компанијата на околу 35 милијарди долари.
Airbnb е подготвен да излезе во јавноста пред крајот на годината во услови на наплив на технолошки компании. Акциите ќе се тргуваат на НАСДАК под симболот „ABNB“.
По поднесувањето на документацијата на американската Комисија за хартии од вредност минатиот месец, која беше изменета и дополнета на 1 декември, Airbnb откри дека приходите паднаа за 18% во однос на претходната четвртина. Компанијата успеа да оствари профит од 219,3 милиони долари.
Во 2019 година Airbnb имаше приходи од 4,8 милијарди долари, во споредба со 3,7 милијарди долари во 2018 година – што претставува 32% раст од година во година.
Откако доверливо поднесоа документи со регулаторите за иницијалната јавна понуда во август, инвеститорите конечно ќе почнат да добиваат подлабок поглед на некои клучни обелоденувања што компанијата треба да ги направи пред да започне со трговија.
Airbnb се приклучува на групата компании што излегуваат во јавноста за една година обележана со бура и неизвесност создадена од Ковид-19.
Како и да е, пазарот на иницијални понуди во САД беше жежок, со 232 компании кои се пријавија да излезат во јавноста, што претставува зголемување од 19% на годишно ниво од 2019 година, според податоците на „Ренесанс капитал“. Големи имиња како Palantir (PLTR), Asana (ASAN), Snowflake (SNOW), Unity Software (U) дебитираа оваа година, а DoorDash, Wish и Roblox може да излезат во јавноста пред новата година.
Во текот на првите неколку месеци од пандемијата, Airbnb забележа пад на резервации и приходи, што ги натера да намалат една четвртина од вработените во мај. Со оглед на тоа што туризмот ширум светот пресушуваше поради вирусот, резервациите на Airbnb паднаа за 70% од претходната година.
Сепак, на почетокот на јули се случи скок, со тоа што компанијата забележа еден милион резервирани ноќи за еден ден, нешто што не се случило од почетокот на март. Повеќе патници избираат да останат поблиску до своите домови, да се одлучат за патувања или долгорочни изнајмувања на домови, претежно на 300 милји од дома. Динамиката е благодет за основната дејност на Airbnb.
Со четири милиони домаќини и 7,4 милиони објавени места низ 100 000 градови низ целиот свет, Airbnb во голема мера се врати назад, благодарение на позитивниот придонес во локалното патување.
Пред пандемијата, Airbnb истражуваше искуства, летови и потенцијален бренд за медиуми, и правеше поголеми инвестиции за да ги придобие деловните патници.
„Сакаме одговорно да ги трошиме средствата кои ни се ограничени, и бевме фокусирани на маргините и профитабилноста, бидејќи временската рамка не е конечна, и никој не знае колку ќе трае. Затоа моравме да бидеме сигурни дека имаме буџет кој е спремен и за најлошото сценарио“, изјави анонимен извор кој има лидерска позиција во компанијата.
Сега, со дополнителните ограничувања кои сеуште важат за патување низ светот, компанијата уште еднаш се насочи кон својата оригинална публика.