ПОВЕЌЕ

    АБЕНОМИКС: Трите стрели на Шинзо Абе за развој на Јапонија

    Време зa читање: 4 минути

    Потеклото на зборот „Aбеномикс“ доаѓа од структурните политики на јапонскиот премиер Шинзо Абе, а се однесува на клучните промени кои тој ги воведе за време на неговиот мандат од 2012 – 2020 година. Имено, пред доаѓањето на Абе на чело на владата на Јапонија, државата се соочуваше со големи економски проблеми. Растот на бруто домашниот производ беше фактички негативен, а да не заборавиме дека јапонската економија е една од 5-те најголеми светски економии. Исто така, статистички Јапонија бележеше пад на извозот, како и намалена општа потрошувачка, а сето тоа водеше кон голема рецесија. Новиот премиер го очекуваше тешка и долга битка за опоравување на економијата.

    Шинзо Абе својата инспирација за креирање на нов економски модел ја пронајде во една прикaзна за поранешен император. Имено, императорот бил лидер кој верувал дека војната е единствениот начин за зачувување на унитарноста, а пред него се наѕирала нова битка. Тогаш тој го повикал својот син, му дал една стрела и го прашал дали може да ја скрши. Синот без размислување ја земал стрелата и ја скршил на два дела. Потоа, императорот земал три стрели врзани заедно и повторно му ги дал на синот за да ги скрши. Синот, и покрај големите напори, не успеал да ги скриши, а поуката што сакал да ја даде императорот била дека доколку си сама стрела брзо ќе те скршат, но доколку сте повеќе стрели и делувате заедно, многу тешко ќе може да ве победат. Во духот на оваа поука, Абе направи комбинација од три стрели со кои сакаше да ја препороди Јапонија. Трите стрели на Абе се:

    1. Фискална политика – Шинзо Абе потроши трилиони јени за развивање на јапонската инфраструктура. Големи инвестиции беа направени во изградба на патишта, аеродроми, железници и сл. Со тоа ,Абе планираше да продуцира нови работни места, да се намали стапката на невработеност, а сето тоа да придонесе за зголемена лична потрошувачка.
    2. Монетарна политика – Лугето во Јапонија едноставно не беа склони кон користење на кредити, а исто така и банките, имајќи ја во предвид ситуацијата од 90-тите години кога имаше кредитна експанзија, а многу малку од тие кредити се наплатија, имаа конзервативен став за масовно кредитирање и каматните стапки беа високи. Она што администрацијата на Абе го направи беше креирање на негативни каматни стапки. Друг елемент на монетарната политика беше дополнителното креирање на пари, или, народски кажано, Јапонија неограничено принташе пари. Во такви услови очекувано е инфлацијата да порасне рапидно. Тоа беше добро испланирано бидејќи Абе сакаше да се постигне повисоко ценовно ниво и инфлацијата да се доближи до 2%. Ваквиот пораст се очекување дека ќе придонесе за забрзан раст на економијата
    3. Структурни реформи – Јапонија во изминатите 30 години се соочува со демографски проблем на стареење на населението, а тоа придонесува за недостиг на работна сила. Планот на Абе се состоеше од се поголемо вклучување на женската популација во редовен работен однос, стимулирање на младите брачни парови за раѓање на повеќе деца, како и значителни реформи во образовниот систем и заштитата на децата. Со тоа сакаше да покаже дека Јапонија е добро место за фамилии и луѓето ќе немаат мотив да емигрираат во странство.

    Успехот на Абеномиксот може да се дискутира од различни аспекти и во истиот може да се најдат и добри и лоши страни, меѓутоа поентата е дека Шинзо Абе имаше капацитет да ги детектира недостатоците на јапонската економија, јавно да ги искоментира за сите да бидат свесни и најде поразличен начин за управување и справување со истите. Во период на ковид криза се повеќе доаѓа до значење имањето на лидер како Абе. За жал, многу малку од тековните лидери се спремни да ги насочат своите стрели кон таргетираната цел.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично