ПОВЕЌЕ

    Аерозагадувањето продолжува, властите велат има подобрување, екологистите сметаат дека заложбата за почист воздух е само на хартија!

    Време зa читање: 6 минути

    Квалитетната и здрава животна средина е еден од основните предуслови за квалитетен живот на сите граѓани. Во програмата на Владата за чист воздух се наведува дека борбата против аерозагадувањето е една од главните компоненти и заложби. Емисијата на загадувачки супстанци во воздухот потекнува од скоро сите економски и социјални човекови активности: сообраќајот, индустријата, согорувачките и енергетските постројки, домаќинствата, градежните активности, депониите особено дивите депонии за отпад и земјоделските активности. Согорувањето на биомаса од страна на домаќинствата, односно горењето на цврсти горива како дрвото и јагленот, е значаен извор на директно емитирани цврсти честички и полициклични ароматични јаглеводороди кои спаѓаат во класата на канцерогени супстанци.

    Аерозагадувањето е најголемиот причинител на предвремена смртност и зголемен број на заболувања кај луѓето. Тоа е најголемиот ризик од областа на животната средина по здравјето на граѓаните во Европа, каде според податоците на СЗО околу 400.000 прерано изгубени животи се поттикнати токму од аерозагадувањето.

    Ситуацијата и надвор од Европа, особено во останатите поголеми градови е слична, но таму за жал освен мерењата од мерните станици, нема сеопфатни и детални студии, иако постојат индикативни истражувања кои укажуваат дека најголеми загадувачи во тие котлини се греењето, отпадот и индустријата. Аерозагадувањето е последица на многу фактори и за да се намали, потребно е да се намалат емисиите на загадувачки супстанци од сите извори споменати во воведот. Прв чекор кон решавање на проблемот со загадување е одредување на изворите на загадување. За таа цел, Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје и други  институции во изминатите години направија серија на анализи и студии за да утврдат во кој период од годината се јавуваат најголемите концентрации на загадувачки супстанци. Согласно овие студии најголемите пикови и највисоки концентрации,  при анализа на просечните месечни или дневни концентрации, се јавуваат во текот на зимскиот период за време на грејната сезона.

    Оттука, може да се заклучи дека големо е влијанието на домаќинствата врз кривата на загадувањето. Домаќинствата, заедно со сообраќајот, градежништвото, индустријата, депониите влијаат врз целокупната слика на аерозагадувањето во земјата.

    Затоа, само со комбинација на мерки насочени кон промена на начините однесување и делување на сите вклучени страни, но и со зајакнувањето на капацитетите на инспекцискиот надзор и зголемување на контролите во индустриските капацитети, во другите правни субјекти и во домаќинствата може да се очекуваат резултати во насока на решавање на проблемот.

    Во планот и програмата на Владата за борба против аерозагадувањето стои дека мониторингот на квалитетот на воздухот ќе придонесе за подобрување на системот за следење на квалитетот на воздухот, односно потребна е комплетна замена на сите инструменти во мониторинг станиците. Се посочува и дека потребно е да се работи на подигнување на јавната свест преку едукативни кампањи кои ќе имаат за цел да ги информираат граѓаните за штетноста од користење на нееколошки извори за затоплување, но и да ги едуцираат за алтернативните поефикасни, поеколошки и економски поисплатливи можности за греењето, транспорт, одложување на отпадот и тн.  Внимание е потребно да се посвети кон изнаоѓање на модели за поттикнување на приватните компании да понудат посоодветни пакети, а домаќинствата полесно да можат да се одлучат да ги променат технологиите за греење. Потребен е фокус  и кон транспортот, бидејќи  загадувањето на воздухот од овој сектор најдиректно го чувствуваат граѓаните. Исто така потребно е да се продолжи со редовни инспекциски контроли на правните субјекти и да се осигура дека сите тие ги исполнуваат строгите прописи.

    Од друга страна пак, екологистите тврдат дека наспроти пропишаните закони и препораки во однос на тоа што треба да се работи на полето на екологијата на терен имплементацијата е минимална. Невладината О2 Иницијатива изрази големо разочарување што амандманите за животна средина и борба против аерозагадувањето не добија зелено светло од парламентарното мнозинство. Нивниот став е дека планот за чист воздух кој е донесен пред две години од страна на државата воопшто не дава резултати. На аргументите дека се нема средства во буџетот за да се зголемат тие наменети за животна средина и дека 1.3 милиони евра се доволни за борба против аерозгадувањето, самиот буџет дава поинаква слика, велат екологистите. Нивниот став е дека  има средства, но доделени се во други цели, како за привремени вработувања 4.3. милиони евра, за Фондот за иновации 11.5 милиони евра, за патни трошоци и дневници 12.9 милиони евра, за купување на оружје како обврска на НАТО 44.4 милиони евра, за разни материјали и ситен инвентар, каде се и канцеларискиот материјал, храната и пијалоците 82.8 милиони евра. Кога би се прераспределиле, само за една година би можеле да го преполовиме аерозагадувањето. Во таа насока беа и нашите предлози за измени во Буџетот за 2021 година.

    „Иако имавме само неколку денови на располагање за да го разгледаме предлог буџетот за идната година и да доставиме наши предлози, сепак, сметавме дека овие 15 амандмани се однесуваат на многу важни еколошки прашања и очекуваме да бидат сериозно разгледани од институциите. Амандманите се однесуваат на решавањето на депониите, на изработка на неколку студии, за подновување на мерните станици и набавка на инструменти, за ажурирањето на катастарот на загадувачи и акредирација на државна лабораторија. Исто така го поддржуваме и барањето за вработување на осум инспектори во Државниот инспекторат за животна средина. Имавме и амандман кој се однесуваше на поставување на филтри на јавни институции кои се загреваат со фосилни горива, но тој веќе помина во расправата и беше одбиен“, велат од О2 Иницијатива.

    Ставот на екологистите е дека граѓаните во секој момент во кое и да е годишно време треба да знаат дали е и колкаво е нивото на загаденост на воздухот. Тоа е и обврска на земјата пред Европската Унија. Екологистите сугерираат загаденоста на воздухот да се мери во близина на големите фабрики и тешките индустриски капацитети.

    „Нас ни е потребно оваа мрежа да се прошири, да имаме во сите населени места мерни станици. Тие да мерат што повеќе загадувачки супстванци во воздухот, како би можеле точно да го лоцираме аерозагадувањето и да му пристапиме на проблемот, бидејќи мерењето е клучно за да го направиме ова.“  сметаат од невладината организација Еко Свест.

    Ова истражување е дел од проектот на ENV.net кое има за цел да ја подигне општествената одговорност на компаниите и граѓаните и заеднички да започнат  посвесно да се размислуваат и делуваат кон животната средина.

    Автор: П.И.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично