
Ако пред неколку години Халк банка и НЛБ банка беа во тесна трка околу изборот на новоотворените компании за матична банка, сега веќе Халк отиде далеку напред. Во првите 6 месеци од годинава таа се стекнала со 997 нови клиенти, односно толку новоосновани фирми решиле да отворат сметка во оваа банка. Веднаш зад неа е НЛБ банка со 630 нови клиенти, а трета е Комерцијална банка со 610 нови сметки од новоотворените фирми.
Порталот Пари редовно го анализира трендот на отворање сметки на новите фирми во банките во соработка со Бизнис мрежа. Нашата цел е да ја подобриме конкуренцијата во банкарскиот систем.
СЕКОЈА БАНКА ВО ПРОСЕК ИМАЛА ПО 317 НОВИ ФИРМИ, НО…
Според анализата на Пари, во првите 6 месеци од годинава се отворени 3.801 нова фирма, или во просек во секоја банка има 317 сметки на нови фирми. Но, разликите се големи – од две нови сметки во Капитал банка до 997 во Халк банка.
Извор: Бизнис мрежа
ХАЛК БАНКА ПОБЕДИЛА КАЈ СКОПСКИТЕ ФИРМИ
ТОП 5 града според бројот на новоосновани компании
Во Скопје се отвориле најмногу фирми – 1.778 и најголем дел од нив (546) ја избрале Халк банка, вториот избор била Комерцијална банка (327 фирми), а третиот НЛБ банка (281 фирма).
Битола е втор град по новоотворени фирми во првото полугодие од 2026 година. Се отвориле 176 фирми, а најмногу од нив за матична банка ја избрале НЛБ банка (26), додека второто место го делат Комерцијална и Халк банка со по 25 нови сметки за фирми. На третото место е Стопанска банка, која ја избрале 17 фирми.
Охрид, со 170 нови фирми во првото полугодие, е третиот град по новоотворени фирми. Најмногу сметки (38) се отвориле во НЛБ банка, 32 нови клиенти добила Халк банка, а 25 Шпаркасе банка.
Извор: Бизнис мрежа
НАЈМНОГУ СЕ ОТВОРААТ ТРГОВСКИ ФИРМИ, И ТУКА ПОБЕДИЛА ХАЛК БАНКА
Според податоците за новооснованите компании во првото полугодие од годинава, трговијата на големо и мало сè уште е најатрактивната дејност за претприемачите, со впечатливите 679 новоотворени фирми. Веднаш по неа следат другите услужни дејности со 469 нови компании, додека на третото место се наоѓаат стручните, научни и технички дејности со 418 новоосновани фирми.
Кога станува збор за трговијата, која апсолутно доминира на пазарот, Халк банка е далеку најпопуларниот избор меѓу новите трговски друштва. Во оваа банка сметка отвориле дури 194 новоосновани компании од оваа дејност. На второто место се наоѓа НЛБ банка со 111 новоотворени сметки, додека Комерцијална банка следи непосредно зад неа со 102 нови клиенти од трговскиот сектор.
Во сферата на другите услужни дејности, распоредот на банки е малку поразличен. Тука Комерцијална банка го зазема првото место со 110 новоосновани компании што ја избрале како своја деловна банка. Халк банка е на второто место со 84 нови клиенти, додека НЛБ банка ја комплетира листата со 80 новоотворени сметки во оваа дејност.
Кај стручните, научни и технички дејности, Халк банка повторно е број еден избор, со 115 новоосновани компании од овој сектор коишто отвориле сметки во оваа финансиска институција. НЛБ банка е на второто место со 72 нови клиенти, додека Комерцијална банка е на третото место со 66 новоосновани фирми од оваа дејност.
Извор:Бизнис мрежа
Овие податоци јасно покажуваат дека Халк банка, НЛБ банка и Комерцијална банка се трите најпопуларни финансиски институции меѓу новооснованите компании во сите три најактивни дејности во македонската економија.
Но, секако, и останатите банки имаат нови клиенти. Имено, податоците покажуваат дека Халк банка, НЛБ банка и Комерцијална банка заедно привлекле 2.237 новоотворени компании, додека останатите 1.564 новоотворени фирми избрале една од другите банки.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








