ПОВЕЌЕ

    НАД 600 ФИРМИ МЕСЕЧНО СЕ ОТВОРААТ ВО ПРОСЕК, најмногу во трговија

    Време зa читање: 4 минути

    Во првото полугодие од годинава се основани 3.801 нова компанија, или месечно во просек имало над 600 новоотворени фирми, открива анализата на Пари во соработка со Бизнис мрежа. Податоците покажуваат дека Скопје убедливо води со претприемачкиот дух, а дека трговијата останува најатрактивна дејност. Но, има и еден куриозитет незабележан досега – сите фирми се микрофирми, што значи дека имаат помалку од 10 вработени и брутогодишен приход до 50.000 евра во денарска противвредност.

    По месеци, најдинамичен бил почетокот на годината. Во јануари се основани 780 компании, во февруари 663, во март 636, во април 624, додека во мај и јуни бројот се намалува на 563, односно 535 нови компании.

    РЕЧИСИ ПОЛОВИНА ОД НОВИТЕ ФИРМИ СЕ ВО СКОПЈЕ

    Главниот град е далеку пред сите останати општини со 1.778 новоосновани компании, што претставува речиси половина од сите нови фирми во државата. По Скопје следат Битола со 176, Охрид со 170, Тетово со 158 и Гостивар со 125 новоотворени компании. Во првите десет се уште Куманово (123), Струга (111), Струмица (105), Прилеп (90) и Штип (86).

    Извор: Бизнис мрежа

    Податоците покажуваат дека има и „заспани“ градови во однос на отворање фирми. Во дури 22 општини има отворено најмногу 5 фирми. Притоа, само по една фирма во првите шест месеци од годинава е отворена во Лозово, Пехчево и во Центар Жупа.

    ТРАДИЦИОНАЛНО СРЕЌАТА НАЈМНОГУ СЕ ПРОБУВА ВО ТРГОВИЈАТА

    Според дејностите, најголем број нови компании се регистрирани во трговија на големо и мало, каде што се основани 679 фирми. Трговијата веќе традиционално го држи првото место кога е во прашање пробувањето среќа со нова фирма.

    Следат другите услужни дејности со 469 компании, стручните, научните и техничките дејности со 418, градежништвото со 394, додека на петтото место е секторот сместување и послужување храна со 385 нови компании.

    Извор: Бизнис мрежа

    Високо на листата се и транспортот и складирањето со 277 нови фирми, информатичките и телекомуникациските дејности со 260, како и преработувачката индустрија со 242 компании.

    Структурата на новооснованите фирми покажува дека претприемачите и натаму најчесто се насочуваат кон дејности што бараат помали почетни инвестиции и овозможуваат побрз влез на пазарот, како што се трговијата, услугите и консултантските активности. Во исто време, релативно високиот број нови компании во градежништвото и угостителството укажува дека интересот за овие сектори останува силен и во првата половина од годината.

    ИМА САМО ЕДНО АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО

    Од аспект на правната форма, убедливо најголем број од новооснованите компании се друштва со ограничена одговорност основани од едно лице (ДООЕЛ)2.412, што е околу две третини од сите нови субјекти. Основани се и 625 компании во категоријата друго, 504 ДОО, 221 трговец поединец, 28 ПДОО, 10 подружници и само едно акционерско друштво.

    Извор: Бизнис мрежа

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично