
Од мали апарати, фрижидери и машини за перење, до клима-уреди, озвучувања и огромни телевизори – белата техника одамна не е само дел од секојдневниот живот на граѓаните, туку и еден од најголемите малопродажни бизниси во земјава. Во време кога технологијата се менува со забрзано темпо, а потрошувачите сè почесто ги обновуваат своите домови со поефикасни и помодерни уреди, расте и пазарот на компаниите што ги снабдуваат.
Податоците од „Бизнис мрежа“ што ги анализираше порталот Пари покажуваат дека 157 компании од оваа дејност во 2025 година оствариле вкупен приход од околу 272 милиони евра, што е раст од 11,26 насто во споредба со преклани. Добивката растела уште побрзо – за 16,75 насто, достигнувајќи 9,5 милиони евра.
Но, зад овие бројки стои пазар во кој доминираат неколку големи играчи. Додека десетици компании се борат за свој дел од колачот, врвот е резервиран за брендови што со години ги полнат трговските центри, малопродажните салони и онлајн продавниците низ Македонија.
ПРИХОДИ ОД 1,7 МИЛИОНИ ДО 103,5 МИЛИОНИ
Кога станува збор за приходите, листата практично е поделена на два дела – Нептун и Сетек, а потоа сите останати.
Нептун во 2025 година остварил приход од 103,5 милиони евра, што е раст од речиси 15 насто во однос на претходната година. Со тоа компанијата останува убедливо најголем играч на пазарот и сама генерира повеќе приход од последните осум компании заедно.
Веднаш зад неа е Сетек со 81,1 милион евра, што значи дека двете компании заедно остваруваат речиси 185 милиони евра промет. Или, поинаку кажано, тие контролираат повеќе од две третини од вкупниот приход што го создаваат десетте најголеми компании во дејноста.
По нив следува значително поголем јаз. Техномаркет е трет со 21,2 милиони евра, што е речиси четирипати помалку од Нептун. Сепак, компанијата бележи солиден раст од 18,84 насто, што покажува дека конкуренцијата меѓу големите синџири останува жива.
Во групата на најголемите играчи се наоѓа и кумановската Алфи Би Компани, која во 2025 година остварила приход од 13 милиони евра. Иако често се поврзува со продажба на бела техника, компанијата има значително поширок асортиман што опфаќа и спортска и рекреативна опрема, осветлување, градежни и санитарни производи, како и алати и производи за домаќинството. Токму ваквата диверзифицирана понуда ѝ овозможува да привлече поширок круг потрошувачи и да одржува стабилен раст дури и во услови на засилена конкуренција.
Интересен е и примерот на Енергија ДОО Скопје, компанија што се занимава само со продажба, проектирање и изведување системи за климатизација, ладење и греење. Таа бележи раст на приходот од 28,38 насто, највисок меѓу водечките компании.
Од друга страна, пад на приходот има кај Џиви од Гевгелија и Бител-Сат од Битола.
Извор: Бизнис Мрежа
КОЈ ЗАРАБОТУВА НАЈМНОГУ ОД ПРОДАЖБА НА БЕЛА ТЕХНИКА?
Иако Нептун е лидер по приход, кај добивката првото место му припаѓа на Сетек. Компанијата во 2025 година остварила добивка од 3,2 милиони евра, што е раст од 7,9 насто. Нептун е веднаш зад неа со 2,8 милиони евра, но со многу подинамичен раст од 26,67 насто.
И овде првите две компании значително се издвојуваат од останатите. Заедно создаваат околу 6 милиони евра добивка, додека третопласираната Алфи Би Компани има добивка од 930,8 илјади евра. Тоа покажува колкава е концентрацијата на пазарната моќ кај водечките играчи.
Меѓу најинтересните компании е Енергија ДОО, која ја зголемила добивката за 58,28 насто и се искачила на четвртото место. Силен напредок има и кај Електрон-ББ од Велес со раст од 74,35 насто, како и кај Електромеханика Гушев од Струмица, каде што добивката е повеќе од двојно зголемена.
Највпечатлив процентуален скок има кај Елипсо Шоп БГ од Тетово, каде што добивката пораснала за над 1.679 насто. Иако апсолутниот износ не е меѓу највисоките, ваквите бројки покажуваат колку брзо може да се промени профитабилноста кај помалите компании.
Интересно е што листата на најголеми компании по добивка не се поклопува целосно со онаа по приход. Меѓу десетте најдобри по добивка се појавуваат Електрон-ББ, Филаделфија и Елипсо Шоп БГ, компании што ги нема меѓу десетте најголеми по приход, а нивните приходи се движат од 946 илјади до 1,3 милиони евра. Тоа е уште една потврда дека во трговијата со бела техника не е пресудно само колку ќе се продаде, туку и колку ефикасно ќе се управуваат трошоците, залихите и маржите.
Ако приходите покажуваат кој продава најмногу, тогаш добивките откриваат кој работи најпаметно. А според бројките за 2025 година, битката за купувачите сè уште ја водат Нептун и Сетек – двата гиганти што и понатаму го диктираат темпото на пазарот на бела техника во Македонија.
Извор: Бизнис Мрежа

Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








