
Туристичкиот сектор во 2025 година не расте само преку приходи и добивки, туку и преку луѓето што стојат зад продажбата, организацијата и реализацијата на патувањата. Во 325-те туристички агенции бројот на вработени пораснал од 906 на 952 лица, односно за 5,1 насто, додека просечната плата во секторот се зголемила од 22.752 на 24.866 денари, или за 9,3 насто.
Анализата на „Пари“, врз основа на податоците од „Бизнис Мрежа“, покажува дека компаниите што имаат најмногу вработени не се секогаш и тие што исплаќаат највисоки плати. Уште поинтересно, кај платите доминираат агенции што најчесто не се меѓу најголемите по приход и добивка.
Фибула има шестпати поголем тим од најблиската конкуренција
Фибула Ер Травел, со 148 вработени, е убедливо прва по бројот на вработени, што е раст од 2,1 насто во однос на претходната година. Тоа ја прави најголем работодавач меѓу туристичките агенции, а воедно и лидер по приходи. Фибула има над 500 насто повеќе вработени во однос на останатите туристички агенции од листата на топ 10 агенции.
Втор најголем работодавач е ДМЦ Балканс од Охрид, со 23 вработени, но токму тука е поголемиот скок – бројот на вработени пораснал за 64,3 насто. Компанијата е и меѓу најсилните финансиски играчи: втора по приход и прва по добивка, што покажува дека кадровското проширување оди паралелно со растот на бизнисот.
Во првата петорка се и ЈК Травел со 18 вработени, Караџи Турс Балкан со 17 и Атлантис со 15. Караџи е добар пример за компанија што расте во сите правци – има силен раст на приходот, раст на добивката и зголемен број вработени.
Од десетте најголеми работодавачи, седум се појавуваат и во листите по приход или добивка. Од друга страна, ЈК Травел, Свети Никола Турс и Холијеј Травел се меѓу најголемите по број на вработени, но ги нема меѓу топ 10-те ниту по приход, ниту по добивка.
Извор: Бизнис Мрежа
Помали тимови, повисоки просечни плати
Кај платите сликата е уште поразлична. На врвот е Бисер Травел со просечна плата од 68.424 денари, што е раст од 7,8 насто, но со само 6 вработени. Веднаш зад неа е Долар Турс со 64.481 денар, а трет е Матам Трејд со 62.040 денари и раст од дури 165,9 насто – и двете со по тројца вработени.
Меѓу највисоките плати е и Цел Свет, односно Џангл Трајб Македонија, со 57.745 денари просечна плата распределена во тим од 9 лица. Оваа компанија се појавува и меѓу најголемите по приход и меѓу најпрофитабилните, што ја прави еден од ретките примери каде што растот на бизнисот оди заедно со повисоките примања.
Но, најинтересно е што осум од десетте компании со највисоки плати не се меѓу топ 10 ниту по приход, ниту по добивка. Тоа се Долар Турс, Матам Трејд, Вис Пој, Елида, Нет-Бај, Сити Травел, Генералтурист 2000 и Саб Турс.
Најголемите приходи најчесто ги носат агенции со масовни аранжмани, чартери и голем број патници. Но, највисоките плати често се појавуваат кај компании каде што тимовите се помали, а просекот полесно расте.
Извор: Бизнис Мрежа
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика









