Раст од 7,2 насто е постигнат во градежниот сектор во текот на првото годинешно тримесечје. Тоа е показател дека градежништвото останува еден од најсилните двигатели на домашната економија, смета вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, повикувајќи се на најновите податоци од Државниот завод за статистика.
„Овие бројки претставуваат силен показател за континуираната градежна активност низ целата држава, како и за успешната реализација на капиталните инвестиции кои се од клучно значење за економскиот развој“, напиша Николоски на социјалните мрежи.
Според него, особено охрабрувачки е фактот што во сегментот на нискоградбата е регистриран двоцифрен раст од над 20 индексни поени. Сегментот ги опфаќа инвестициите во изградба на автопати, експресни патишта, регионални и локални патишта, како и железницата, кои „Владата преку Министерството за транспорт ги реализира со високо ниво на посветеност и одговорност“.
Растот во нискоградбата е директен резултат на засилените активности на терен и силната динамика со која се реализираат капиталните проекти.
„Автопатиштата на Коридор 8 и 10 д, се градат со силна динамика, а паралелно со тоа се инвестира и во железничката инфраструктура, што претставуваат клучен сегмент за долгорочниот економски развој, регионалното поврзување и зголемувањето на конкурентноста на економијата“, вели Николоски.
Исто така, тој посочува и на податокот од ДЗС за стапката на раст на бруто-домашниот производ, која за првиот квартал изнесува 3,1 насто.
„Овој резултат претставува јасен показател дека економијата расте, дека инвестициите даваат резултати и дека развојните политики на Владата создаваат реални ефекти во стопанството.
Резултатите што ги објави ДЗС, се потврда дека државата се движи во вистинска насока, градежништвото останува мотор на економскиот развој, а инфраструктурните проекти силно го поддржуваат растот, развојот и креираат подобра иднината на државата“, смета Николоски.
Аналитика








