
Пред само неколку години, патувањата во Азија, Латинска Америка или на егзотични острови за голем дел од македонските граѓани изгледаа како комплицирана и скапа авантура резервирана за мал број искусни патници. Недостигот од информации, сложената организација, логистиката и високите трошоци ги правеа далечните дестинации речиси недостижни за пошироката публика. Токму во тој простор, во 2019 година, на македонскиот пазар влезе Џангл Трајб Македонија, односно компанијата Цел Свет ДОО, со концепт што постепено почна да ја менува домашната туристичка мапа.
Компанијата донесе модел што веќе функционираше во регионот – организирани групни патувања на далечни дестинации, со однапред подготвена логистика, водичи и програми што ги прават егзотичните патувања подостапни за луѓе што првпат се одлучуваат на таков тип авантура. Со текот на времето, патувањата во Тајланд, Бали, Куба, Мексико, Занзибар, Шри Ланка, Малдиви итн. од „егзотика за малкумина“ почнаа да се претвораат во сè почест избор кај македонските туристи.
Финансиските резултати покажуваат дека интересот не е краткотраен тренд, туку бизнис-модел што расте. Според анализата на „Пари“, врз основа на податоците од „Бизнис Мрежа“, Цел Свет ДОО во 2025 година остварила приход од 5,6 милиони евра, што е раст од 13,39 насто во однос на 2024 година. Во споредба со 2022 година, кога приходот изнесувал 2,1 милион евра, компанијата за три години го зголемила обемот на работа за околу 166,7 насто.
Најсилниот скок се гледа меѓу 2022 и 2023 година, кога приходот пораснал од 2,1 милион на 4,9 милиони евра. Тоа е раст од околу 133 насто, што најверојатно го означува периодот кога патувањата по пандемијата повторно се отворија, а интересот за далечни дестинации нагло се врати. Потоа растот станува поумерен, но стабилен – од 4,9 милиони евра во 2023, на 5,01 милион во 2024 и 5,6 милиони евра во 2025 година.
Кај добивката, сликата е подинамична. Во 2022 година компанијата имала добивка од 136,3 илјади евра, во 2023 година таа скокнала на 316,4 илјади евра, потоа во 2024 година се намалила на 159,2 илјади евра, а во 2025 година пораснала на 327 илјади евра. Тоа значи дека добивката во 2025 година е повеќе од двојно поголема од претходната година, со раст од 105,36 насто, а во однос на 2022 година е поголема за околу 140 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
Овој распоред покажува дека приходот расте постабилно, додека добивката повеќе осцилира, што е логично за туристички бизнис во кој трошоците за авионски билети, сместување, курсни разлики, партнери на странски пазари и организациски ризици можат силно да влијаат врз крајната заработка.
Особено е интересно што овие резултати се постигнати со мал тим. Цел Свет ДОО во 2025 година има 9 вработени, исто колку и во 2024 и 2023 година, додека во 2022 година работела со 6 лица. Тоа значи дека бројот на вработени во периодот од 2022 до 2025 година е зголемен за 50 насто.
Раст има и кај платите. Просечната плата во 2025 година изнесува 938 евра, наспроти 806 евра во 2024 година, што е зголемување од 16,43 насто. Тоа покажува дека паралелно со подобрите финансиски резултати, компанијата издвојува повеќе и за тимот што стои зад организацијата на патувањата.
Суштината на овој бизнис не е само во продажба на туристички аранжмани, туку во создавање навика кај македонските патници да размислуваат подалеку од класичните летни дестинации. Џангл Трајб Македонија го популаризираше концептот на групни авантуристички патувања, каде што патникот не купува само превоз и сместување, туку целосно организирано искуство.
Затоа и на растот на Цел Свет ДОО може да се гледа како поширок сигнал за промените во туристичките навики. Македонските граѓани сè почесто бараат далечни, поинакви и автентични дестинации, а бројките покажуваат дека авантуристичкиот туризам веќе не е ниша, туку бизнис што носи милионски приходи.

Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








