ПОВЕЌЕ

    ОРИЗОТ Е СИМБОЛ, А МИЛИОНИТЕ ВО КОЧАНИ ги носат каблите, металот и цвеќето

    Време зa читање: 5 минути

    Извозно ориентираните компании, металопреработувачката индустрија, производството за автомобилскиот сектор, трговијата и комуналните услуги, го ставаат Кочани во редот на бизнис-центрите во источниот дел од државата. Забележливо е, не се споменува оризот, кој беше најкарактеристичниот белег за овој град. Барем не во потесниот круг компании што ги создаваат финансиските резултати.

    Општата претстава за деловниот живот на Кочани ја даваат податоците на Бизнис Мрежа за 1.138 активни трговски друштва што поднеле годишна сметка за 2025 година. Со заеднички сили оствариле приход од 453,4 милиони евра и добивка од 26,7 милиони евра. На годишно ниво, вкупниот приход пораснал за 4,31 насто, добивката за 2,92 насто, а бројот на вработени останал речиси непроменет.

    А, анализата на Пари покажува дека тековите на кочанската економија главно се канализирани кон неколку големи компании. Десетте најголеми фирми по приход во 2025 година оствариле вкупен приход од 276,5 милиони евра. Тоа претставува речиси 61 насто од вкупниот приход. Во споредба со 2024 година, нивните заеднички приливи се зголемиле за 6,35 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    АМФЕНОЛ „ПРОИЗВЕДУВА“ 72 НАСТО ОД ПРИХОДИТЕ НА ТОП 10-ТЕ КОМПАНИИ

    Меѓу најдобрите, значаен е уделот на Амфенол Технолоџи. Со своите 200,5 милиони евра (+ 11,09 %), компанијата учествува со високи 72,5 насто во вкупниот приход на топ 10-те компании, а со 44,2 насто во вкупниот приход на сите трговски друштва од Кочани. Амфенол е една од најголемите компании во автомобилската индустрија што има адреса и во Македонија. Исто така, се вбројува меѓу најголемите извозници со производството на кабли и електронски компоненти.

    Работејќи под мотото „Создавање на расцутена среќа“, Антхура МК лани направила приход од 17,1 милион евра и остварила раст од над 16 насто. Компанијата е дел од истоимената холандска групација, во глобални рамки препознатлива по производството на антуриуми и орхидеи, а кочанскиот капацитет е ориентиран претежно кон извоз.

    Трговијата на мало co моторни возила ѝ обезбедиле на Офис експрес прилив од 16,2 милиони евра, но има и пад од 26,52 насто. Регистрирана е како заштитно друштво за вработување лица со попреченост. Всушност, меѓу најголемите кочански компании има пет кај кои е изразена и социјалната инклузија.

    Тоа се Алекс-3, компанијата со најголем процентуален раст на приходната страна од 54,65 насто (12,1 милион евра), како и Печатница Европа 92 на поранешниот градоначалник Ратко Димитровски, чијшто приход се намалил за 33,28 насто (6,2 милиони евра).

    Најнискиот приходен праг на топ 10-те компании е позициониран на четири милиони евра (Магнолија). Инаку, во тој состав се Руен-Инокс автомобиле, дел од металопреработувачката традиција на Кочани, Авто-Сел, Инт Трејд, како и КЈП Водовод Кочани, кое управува со водоснабдувањето и комуналните услуги во градот познат по користењето на геотермални води.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПЕЧАТНИЦА ЕВРОПА 92 СО НАЈГОЛЕМ ПАД НА ПРОФИТОТ

    Добивката за 2025 година на десетте најпрофитабилни компании изнесува 17 милиони евра. Тие генерираат 63,6 насто од заедничкиот профит на 1.138 фирми. Споредено со претходната година, резултатот е посолиден за 11,84 насто. Тој раст е речиси четирипати посилен од заедничкиот прикажан на локално ниво, а го носат пет од компаниите што се меѓу приходните лидери, но и пет што не се на таа листа. Исто така, намалување на добивката е запишано во пет биланси на успех.

    И тука се истакнува Амфенол Технолоџи со добивката од 8,6 милиони евра. Оваа компанија создава 50,6 насто од добивката на топ 10-те компании и околу 32,2 насто од вкупната добивка на сите трговски друштва.

    Разликата меѓу првите две најпрофитабилни компании е 5,5 милиони евра. Алекс-3 лани заработил 3,1 милион евра, што се должи на позитивната годишна промена од над 52,7 насто. Следи Офис експрес со 1,6 милиони евра и покрај падот од 24,1 насто. Со Антхура и сумата од 1,1 милион евра завршуваат компаниите со седумцифрени добивки.

    Во овој сегмент со процентуалниот раст од над 206 насто се издвојува Стоименов. Компанијата што гради комунални објекти за течности лани заработила повеќе од половина милион евра. А, пак, за 84,55 насто е зголемена добивката на заштитното трговско друштво за производство, трговија и услуги Але-Дар (402,5 илјади евра), каде што специјалност се металните конструкции.

    Од друга страна, најголемиот пад од 75,47 насто е забележан кај Печатницата Европа 92. Преклани профитот ѝ бил во износ од 1,4 милиони евра, а лани 354,9 илјади евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Маја Анастасова 

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично