ПОВЕЌЕ

    ТУТУНСКАТА ТРАДИЦИЈА И ЗДРАВЈЕТО ВО КОСТЕЦ: Фирмите поврзани со тутун прават 430 милиони евра годишно

    Време зa читање: 5 минути

    Компаниите коишто се поврзани со тутун и тутунски производи, без разлика дали како производители, увозници, откупувачи на тутун или дистрибутери (можно е да дистрибуираат и други производи, но и цигари и тутунски производи), во 2024 година заедно направиле приход од 430 милиони евра, покажуваат последните податоци за цела година, додека новите податоци, од 2025 година, ќе пристигнат со новите завршни сметки. Оваа бројка, во согласност со податоците од Бизнис мрежа, е импозантна ако се земе предвид дека бруто-домашниот производ во 2024 година изнесувал 15,7 милијарди евра, така што приходите од компаниите поврзани со тутун се 2,7 насто.

    Вкупниот раст на приходите на овие компании поврзани со тутун во 2024 година бил 12,7 насто поголем отколку во 2023 година.

    Извор: Бизнис мрежа

    30.000 СЕМЕЈСТВА ПРОИЗВЕДУВААТ ТУТУН, 4.000 ЛУЃЕ УМИРААТ ОД НЕГО

    Македонија со години се сметала за земјоделска земја со значаен акцент на производство на тутун. Оттука е и интересот на една компанија од рангот на Филип Морис да работи во државава. Овде имаме дејност од нива до цигара. Во самото земјоделско производство на тутунот се вклучени околу 30.000 семејства.

    Но, од друга страна, во светот сè погласно се зборува за негативното влијание на цигарите, како на класичните, така и на новите тутунски производи. Според податоците од Светската здравствена организација, 7 милиони луѓе годишно умираат од тутун, а од нив меѓу 1,3 и 1,6 милиони се пасивни пушачи.

    Во Македонија бројот на активни пушачи изнесува 40,4 насто, а само 5 насто од пушачите успеале да се откажат од цигарите во последните години, покажуваат истражувањата на Институтот за јавно здравје што ги објави на крајот од ланската година.

    Македонија губи околу 4.000 животи годишно како последица од пушењето тутунски производи. Според податок од СЗО, 40 насто од младите на возраст од 14 години веќе пушат.

    ‒ Сеопфатните закони за средини без чад, нивно ефикасно спроведување, достапни услуги за откажување од пушењето, оданочување и строга регулација на сите никотински производи доведуваат до намалување на хоспитализацијата од срцев и мозочен удар – беше кажано на јавна расправа на тема „Заштита на децата и младите од штетните влијанија и последиците од пушењето“, организирана од собраниската Комисија за здравство.

    ВО ПРОИЗВОДСТВОТО И ПРОДАЖБАТА НА ЦИГАРИ СЕ ВРАТАТ МИЛИОНИ, кои се бизнис-лидерите во оваа дејност?

    Истовремено, на маса се стави нов предлог-закон за заштита од пушење, кој предвидува целосна забрана за рекламирање, промоции и спонзорства од тутунската индустрија. Овие законски одредби се однесуваат на објави во медиуми, на Интернет и социјални мрежи, како и на настани, преку наградни игри, попусти, подароци.

    Дополнително, покрај забраната за продажба на малолетни лица не само на класични цигари, туку и на сите останати никотински производи, се воведува и забрана за јавно изложување тутунски и никотински производи на продажни места, како и за продажба на тутунски и никотински производи во угостителски објекти, спортски и културни објекти и на јавни настани.

    По интензивни преговори меѓу Владата и претставници на Туристичко-угостителската комора, пред две недели постигнат е компромис ‒ пушењето да биде дозволено на тераси коишто ќе бидат отворени на три, место на две страни, каков што беше првиот предлог.

    Се очекува предлог-законот да влезе во собраниска процедура. Тој не само што треба да ја подобри здравствената состојба на населението, туку треба да ги намали и загубите поради лекувања или смртни случаи. Од една страна, цигарите го полнат буџетот, но индиректно го празнат.

    ЌE СЕ НАМАЛАТ ЛИ ПРИХОДИТЕ НА КОМПАНИИТЕ?

    Борбата за намалување на пушењето веќе долго време трае, но податоците покажуваат континуиран раст на приходите.

    Сепак, анализата покажува екстремна нерамномерност на приходите меѓу компаниите. Со тутунот се поврзани 26 компании, а ако нивните приходи би се наредиле од најнизок до највисок, приходот што е на средина и е познат како медијален, бил цел на поголемиот дел од компаниите. Над тој медијален приход се позиционирале 7 компании, а под него ‒ 19 компании.

    Тоа го потврдуваат и овие бројки: 25 насто од фирмите имаат под 5,7 милиони денари приход. Тие се дел од 75 насто од фирмите коишто имаат приход под 3 милијарди денари. Само 25 насто од фирмите имаат приход над 3 милијарди денари.

    Токму големите фирми, со приход над медијала, немаат проблем да продолжат да ги зголемуваат своите приходи и во 2024 година во однос на 2023 година, додека голем дел од останатите фирми имаат пад на приходите.

    Во 2003 година е донесен Закон за заштита од пушење со делумни ограничувања на јавните места. Пет години подоцна пушењето беше забрането на повеќето јавни места, вклучително во училишта и други јавни објекти. Во 2010 година е воведена општа забрана за пушење на јавни места, меѓу кои и ресторани и барови, а во 2018 година забраната за пушење се намали со законските измени, со кои се дозволи пушење во специјално одредени простори, отворени тераси, со што се смени претходната сеопфатна забрана за пушење.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично