Се развиваат разни бизниси во градот познат по Виничкото кале и по името што се поврзува со виното, затоа што некогаш таму имало големи лозови насади. Виното не единствениот производ што се создава во општината со центар во Виница, во чиј опфат се и 16 околни населени места. Се произведува мебел, кондиторски производи, облека, хартија и картони, цигли и ќерамиди… Застапени се повеќе дејности, а најмногу трговските и услужните.
Работите се одвиваат без големи промени и отстапувања. Барем така се чини според ланските резултати на 439 трговски друштва од тој крај: вкупен приход од 319,1 милион евра и добивка од 13,7 милиони евра, проследени со приземни придвижувања. Приливите имаат минимален раст од 0,54 насто, а годишната промена кај профитот е 10,48 насто.
Можеби виничките компании ја јакнат профитабилноста, но тоа се одвива во услови на намалување на работната сила. Воедно, и платите растат побрзо од приходите. Конкретно, во текот на минатата година бројот на вработените е опаднат за 5,29 отсто (од 3.441 на 3.259), а примањата се зголемени за 9,13 насто. Вкупните месечно просечно исплатени плати лани биле во износ од 129,1 илјада евра.
Што се случува во локалната виничка економија и на кои компании се потпира, може да се согледа од анализата што ја направи Пари во соработка со Бизнис Мрежа.

Извор: Бизнис Мрежа
СО ПРИХОДОТ ОД 133 МИЛИОНИ ЕВРА – ДАДИ ОИЛ НЕМА КОНКУРЕНЦИЈА
Најголемите десет компании според остварениот обрт, речиси целосно ја дефинираат економската слика на Виница. Едноставно, тие генерираат 77,8 насто од вкупните приходи. Минатата година направиле заеднички промет од 248,3 милиони евра, проследен со раст од 1,97 насто.
Виничкиот столб на приходната страна е трговецот на големо co горива Дади ОИЛ. И покрај малиот пад од 1,06 отсто, има убедлива предност со своите 133,2 милиони евра. На оваа листа е и компанијата што е во сопственост на Дади Оил, со дејност трговија на мало co моторни горива и мазива ‒ треторангираната Дади-Компани, со 32,1 милион евра.
Меѓу двете компании од Јакимово е Макпрогрес, нашироко позната по брендот Винчини. Производството на какао, чоколада и кондиторски производи лани ѝ обезбедило приход од 35,9 милиони евра.
Работите зеле залет во Друштвото за градежништво, производство, трговија и услуги Термостил Даниел ‒ приходите се зголемени за 83,74 насто, од 3,1 милион евра преклани на 5,8 милиони евра лани. Ова е најголемиот раст меѓу шесте компании што регистрирале позитивна годишна промена.

Извор: Бизнис Мрежа
МАКПРОГРЕС Е ПОВТОРНО НАЈПРОФИТАБИЛНА ВИНИЧКА КОМПАНИЈА
Минатогодишната добивка на десетте најпрофитабилни компании изнесува 9 милиони евра и е за 12,5 насто повисока од заедничкото постигнување во 2023 година. Во вкупниот профит има удел од 65,7 насто. Притоа, пад забележале три компании. Инаку, оваа листа се разликува од претходната по само две трговски друштва. Едното е Алекспак од Блатец, кој со добивката од 502,3 илјади евра, заработена од производство на хартија и картон, е на 7. место. Веќе на следното е третата фирма од Јакимово ‒ Дади Компани СИМ. Активностите во товарниот патен сообраќај ѝ донеле добивка од 342,6 илјади евра.
Со милионски профит се три компании. Макпрогрес ја задржува водечката позиција со 2,3 милиони евра, а Дади ОИЛ остварил 2,2 милиони евра. Термостил Даниел и во овој сегмент има процентуална доминација: профитот е пораснат за 88,14 насто, а сумата изнесува 1,3 милиони евра.
Всушност, впечатлив раст има и кај двете друштва од Јакимово: Дади ОИЛ (+ 53,04 % ) и Дади-Компани (+ 70,59 %).
Најголемата негативна годишна промена од 73,7 отсто е запишана во деловните книги на Винербергер. Производителот на цигли, ќерамиди и производи од печена глина за градежништвото лани имал добивка од 291,6 илјади евра, а преклани заработил 1,1 милион евра.

Извор: Бизнис Мрежа
ВО 10 КОМПАНИИ ИМА РАБОТА ЗА 1.595 ЛИЦА
Речиси половина од локалната работна сила е сконцентрирана кај десетте најголеми работодавачи. Кај нив се ангажирани 1.595 лица. Годишната разлика се согледува во 13-те нововработени (+ 0,82 %).
Најголемите можности за работа ги има во Макпрогрес, кадешто плата лани примале 500 лица (+ 5,5 %). Во првата половина од листата уште четири компании функционираат со повеќе од сто вработени, со тоа што кај две екипираноста е зголемена ‒ Ирибов МК (+ 1,81 %) и Мебел ВИ Бранко (+ 8,03 %), а кај другите две има одлив на кадарот – Виничанка (‒ 16,56 %) и Винербергер (‒ 9,4 %).

Извор: Бизнис Мрежа
И КАЈ ГОЛЕМИ РАБОТОДАВАЧИ ИМА ВИСОКИ ПЛАТИ
Винербергер е единствената меѓу компаниите со највисоки плати што се појавува и на другите листи. Со други зборови, редок пример на поголем работодавач со натпросечни примања. Има 106 вработени, а просекот изнесувал 890 евра. Вообичаено, највисоките плати се исплаќаат во фирми со мал број, или најчесто со само еден вработен. Примерот на Виница делумно и ја потврдува и отстапува од таа пракса.
Највисоката просечна плата од 1.180 евра лани била исплатена во Мразилед. Веднаш зад неа, со 1.100 евра е Апика Биланс. И во фирмата од товарниот патен сообраќај и во фирмата што се занимава со сметководствени, книговодствени и ревизорски дејности има по еден вработен.
Слично е и во Ресторан Рустикана, кој од прекланските четворица лани останал со еден работно ангажиран човек. Автоматски, платата од 210 скокнала на 880 евра. Со остварените плус 315,57 насто, на оваа листа се издвојува со највисок процентуален раст.
Во модната конфекција Виничанка работат 136 лица (163 во 2023 г.). Со просекот од 720 евра се заокружува оваа топ 10 листа. Инаку, во споредба со претходната година, просечната плата се зголемила за 10,86 насто.
Што се однесува до останатите компании од оваа листа, во Мебел-Стил лани работеле 15 лица, во Ван Винкел фешн 9, во Вероника транс 7, а по шестмина ангажирани имале Биланс Солушнс и Вини-Медика. Или, вкупно во топ 10-те најплатени компании работат 288 лица.

Извор: Бизнис Мрежа
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








