
Поголема депозитна база, повеќе кредитни пласмани, повисока актива покажуваат податоците за деветмесечното работење на ТТК Банка. Исходот е добивка од 1,24 милиони евра. „Банката успеа да постигне добри резултати кои ја одразуваат одржливоста на нејзиниот деловен модел и успешното управување со деловните процеси во работењето“, посочуваат од таму.
Во трите годинешни квартали, како што наведуваат, Банката генерираше позитивен нето-оперативен приход (пред исправката на вредност) во износ од 1,34 милиони евра, што произлегува од остварените оперативни приходи од 6,92 милиони евра и од оперативните трошоци од 5,57 милиони евра. Исправката на вредност е во износ од 89,4 илјади евра.
Банката располага со депозити од 167,2 милиони евра, проследени со раст од 18,8 насто, заснован на штедачките навики на граѓаните и на зголемувањето во овој сегмент од 16,1 насто. Зголемени се и депозитите од финансиски институции (+53,5 %) и од бизнисите (+19,3 %). Притоа, планот за депозитите е надминат за 6,6 насто.
Клиентите користат кредити во вкупен износ од 80,2 милиони евра. Разликата на годишно ниво е плус 9 насто. Стимулот повторно доаѓа од секторот домаќинства (+6,3 %) и од стопанството (+17,3 %). Овде планот е натфрлен за 2,9 насто.
Исто така, ТТК Банка има вложувања во хартии од вредност, а сумата е околу 31,8 милиони евра.
Од наплатените камати во деветмесечието Банката обезбедила нето-приходите од 4,28 милиони евра, кои се за 2,7 насто повисоки од ланскиот споредбен период. Приходите од камати изнесуваат 5,8 милиони евра (+9,1 %).
Над два милиони евра Банката приходувала од провизии и надоместоци пресметани за дадените услуги. Тоа е нето-износот, додека само од провизии се инкасирани 3,78 милиони евра, при што е забележано годишно зголемување од 4,4 насто.
Останатите приходи од работењето изнесуваат 455,6 илјади евра.
На другата страна се оперативните трошоци, чија вкупна сума е 5,57 милиони евра. Зголемен и се за 13 насто, како што се наведува, како резултат на повисоките трошоци за плати и вработени.
За една година активата на ТТК Банка се зголемила за 19,1 насто и достигнува 198,8 милиони евра.
Аналитика








