Општината Шуто Оризари ќе добие нов културен и спортски изглед преку серија капитални проекти што ќе ја унапредат инфраструктурата, културниот живот и условите за спорт и рекреација, најави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Градот Скопје ја продолжува својата визија за современ, рамномерно развиен и функционален град, во кој секоја општина го развива својот потенцијал и придонесува кон заедничкиот напредок. Со изградбата на нов фудбалски стадион, Шуто Оризари ќе добие современ спортски комплекс со терен за голем фудбал, трибини, соблекувални, осветлување и пристапна инфраструктура. Новиот стадион ќе биде место каде младите ќе спортуваат, ќе се натпреваруваат и ќе се развиваат, но и простор кој ќе може да се користи за локални и регионални натпревари, како и за различни општествени настани“, истакна Ѓорѓиевски.
Покрај тоа, ќе се изврши целосна реконструкција на Спортскиот центар „Шуто Оризари“, со обновени терени, засадени дрвја, зелени површини и нова урбана опрема. Со оваа инвестиција, центарот повторно ќе стане средиште на спортот, рекреацијата и активниот живот во овој дел од градот.
Посебно внимание е посветено и на културниот развој. На местото на старото матично, тој најави дека ќе се изгради нов Културен дом „Есма Реџепова“, посветен на големата македонска и ромска уметница, симбол на достоинството, традицијата и културната енергија на Шуто Оризари. Новиот дом ќе биде простор за театарски претстави, концерти, изложби, кино-проекции и младински активности, создавајќи нов културен пулс во општината.
Паралелно со инфраструктурните инвестиции, Градот го промовира и пакетот социјални мерки во рамките на програмата „Скопје – град кој се грижи за сите“. Целта е системска, одржлива и праведна поддршка за граѓаните во социјален ризик, преку финансиска помош, хуманитарни пакети, психосоцијална поддршка и програми за образование и преквалификација.
Ѓорѓиевски вели дека преку прифатни центри со 24-часовна грижа и програми за ресоцијализација, ќе се обезбеди помош и за бездомниците, со цел нивна интеграција во заедницата.
Овие вложувања се дел од интегрираната визија за Скопје – град кој расте рамномерно, создава можности за сите и се развива како целина. Скопје е силно само кога сите негови општини се силни, поврзани и насочени кон иста иднина, рече Ѓорѓиевски.