ПОВЕЌЕ

    Нови крстосници и кружни текови за безбеден сообраќај најави Орце Ѓорѓиевски од Ѓорче Петров

    Време зa читање: 3 минути

    Крстосницата меѓу улицата Ѓорче Петров и булеварот Македонска војска, која е една од најкритичните точки, ќе биде првиот проект кој ќе значи вистинска промена. Ќе се изгради  модерен кружен тек, најави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денес ја посети оваа Општина. Инвестицијата, вели, ќе донесе повеќе безбедност, помалку метеж и подобра мобилност за целиот западен дел на градот.

    Укажувајќи дека таа инвестиција е дел од поширокиот концепт што се реализира низ Скопје, истакна дека се планира мрежа на кружни текови кои го подобруваат протокот на возила, ја намалуваат брзината и ги штитат животите.

    „Сето тоа е дел од нашата визија Нула несреќи, преку која планираме до 2030 година да  редизајнираме 50 критични крстосници и улици по европски стандарди и да создадеме град во кој сите учесници во сообраќајот ќе се движат без страв и ќе се чувствуваат безбедно.

    Нашата програма предвидува неколку клучни инфраструктурни проекти кои ќе ја трансформираат мобилноста во овој дел од градот“, вели Ѓорѓиевски.

    Во таа насока ги наброи неколку проекти што се однесуваат на Општината Ѓорче Петров:

    „Ќе проектираме поврзување на улицата Лука Геров, што ќе го растовари сообраќајот, ќе осигура безбеден премин преку пругата и ќе ги поврзе населбите Даме Груев и Стопански Двор во функционална целина. Ова е инвестиција која отвора врата за економски развој, нови работни места и подобар јавен превоз. Реконструкција на улица 101 во Волково, која значи решавање на долгогодишен проблем. Волково конечно ќе добие улица по европски стандарди, со безбедни тротоари и модерна инфраструктура, достојна за граѓаните кои тука живеат. Започнуваме со проектирање на улицата Веле Марков, како нова сообраќајна артерија што ќе се поврзе со булеварот Македонска војска. Овој проект е вистинска комуникациска врска што ќе го растовари локалниот метеж и ќе внесе нова динамика во секојдневното живеење. Планираме и изградба на улицата Шарпланинска, според Генералниот урбанистички план, со модерна инфраструктура, одводнување, осветлување и зеленило. Со ова ќе се овозможи директно поврзување на населбата Даме Груев со главните сообраќајни коридори и ќе се подобри квалитетот на секојдневието во овој дел од градот“.

    Според него, освен патната инфраструктура, во програмата е застапено и решавањето на уште еден долгогодишен проблем – нов резервоар што ќе го реши слабиот притисок на водоводот во Ѓорче Петров. Исто така, Општината ќе добие и нов современ објект за СУГС Кочо Рацин.

    Проектите, нагласи, не се само ветувања, туку обврска и визија – Скопје да стане град со модерен сообраќај, сигурна инфраструктура и еднаков пристап до квалитетен живот за сите граѓани, во сите општини, населби и населени места.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично