Зеленика е растението по кое селото Зелениково го добило своето име, со кое потоа е наречена и општината, сместена во јужниот дел на Скопската Котлина. Во 14-те селски населби, според податоците од последниот попис, има 4.077 жители. Освен зеленило и земјоделство, на овој простор добро виреат и разни видови бизниси – електроника, градежништво, производство, лифтови, мебел, трговија… Според адресите на кои се регистрирани, Орешани е деловниот центар на Општина Зелениково.
За што сѐ е погодна почвата во Зелениково, може да се добие претстава од оваа анализа на Пари, направена врз расположливите податоци од базата на Бизнис Мрежа. За почеток – основните информации: најдобрите десет фирми лани оствариле приход од 60,7 милиони евра, добивка од над 2,6 милиони евра и работно ангажирале 566 лица.
Од бројките што го одразуваат обемот на активностите, генерално може да се заклучи дека работата им оди добро на компаниите. И минатата година постигнале раст на приходите, со заеднички сили за 6,3 насто.
ДВЕ КОМПАНИИ ИМААТ 92,5 НАСТО ОД ПРИХОДИТЕ
Сепак, три фирми се издвојуваат со голем раст на приливите, кај две трицифрен, а кај фирма една висок двоцифрен (Маркет-Манго ДООЕЛ, со + 73,7 %).
Станува збор за Атеа Фемили ДООЕЛ и годишното зголемување за 315,3 насто. Од нецели 228 илјади во 2023 година на близу 947 илјади евра лани. Друштвото за градежништво, производство, трговија и услуги, формирано во 2019 година, е насочено кон изградба на патишта и автопати. Летово го доби тендерот за изградба на улици, тротоари и патеки во Делчево, а тендерски соработки со властите од таа локална самоуправа имало и лани. Исто така, тендери добивале и од други општини ‒ Свети Николе, Македонска Каменица, скопски Карпош…
По процентуалниот раст од 242,93 насто зад нив е Друштвото за производство, трговија и услуги Дехион ДООЕЛ. Дејноста посредување и маркетинг на интелектуална сопственост им обезбедила приход од над 603 илјади евра, за разлика од претходните безмалку 176 илјади евра.
Сепак, само две компании имаат приходи во милионски износи, кои во вкупните приливи на десетте топ фирми имаат удел од извонредни 92,5 насто.
Убедливо најдобар во овој сегмент е Грандпром-ЗУР, кој самиот во заедничкото постигнување учествува со 67,7 насто. Постои три децении, има 22 маркети и приход од 41,1 милион евра во 2024 година. Има за 19,49 насто подобар резултат од преклани.
Првата асоцијација за Орешани ‒ ХАЈ-ТЕЧ корпорација на бизнисменот Саво Станковиќ, е втората фирма со респектибилен приход од 15,1 милион евра, и покрај годишната негативна промена од 22,89 насто. Позната е како европски производител на електронски печатени плочки, соработува со повеќе стотици светски компании, меѓу кои Епл, Сименс, Бош, Мерцедес, Боинг…
И третата компанија на оваа листа, Хајтеч Трејд, е на семејството Станковиќ. Има приход под милион евра (981,7 илјади евра).
Позитивни трендови има и кај Емрах Интертранс ДООЕЛ (+ 19,73 %) ‒ друштво за транспорт и услуги, кое исто така има договори за јавни набавки со повеќе општини за реконструкција и рехабилитација на улици; како и кај Миабо Електро-лифт Инженеринг ДОО (+ 12,9 %) ‒ друштво за транспорт, градежништво и услуги, кое вградува, одржува и сервисира лифтови, изведува електроинсталации…
Извор: Бизнис Мрежа
КОЈ КАКО СО ПРОФИТОТ, САМО ЕДЕН БРОИ МИЛИОНИ
Интересна е состојбата и од аспект на профитот. Местата на двете прворангирани компании од претходната, на оваа топ 10 листа се заменети. Уште повеќе, Хај-Теч е осамена на врвот со добивката од 1,5 милиони евра. И, во заеднички остварените 2,65 милиони евра има придонес од 56,6 насто.
Грандпром-ЗУР, и покрај огромниот приход, има добивка од 474,2 илјади евра. Компанијата има многу работа, но и ниска ефикасност во претворање на приходите во профит.
Добивките на другите фирми од Зелениково се движат од најниските 34 илјади евра (Баки комерц БДБ со дејност помошни услуги во шумарството) до 143,9 илјади евра на Атеа Фемили, која и тука се истакнува со процентуалниот раст од 206,6 насто.
Рекородот овде го постигнал Емрах Интертранс. Профитот го зголемил за 344,6 насто. Сепак, износот од 76,5 илјади евра е доволен за осмото место на табелата.
Три компании бележат пад на профитот, а таа појава е највоочлива кај Миабо Електро-лифт Инженеринг, каде што има минус од 58,2 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
ПЛАТА ИМА ЗА 566 ВРАБОТЕНИ
Десетте најголеми работодавачи вработуваат вкупно 566 лица. Всушност, сите се мали во однос на Грандпром-Зур, чии 409 вработени претставуваат 72,26 насто од заедничката бројка. На втората позиција со 88 работно ангажирани е Хај-Теч.
Повторно според процентите се забележливи Атеа Фемили (+ 80 %), а по нив и Маркет-Манго (+ 50 %).
Извор: Бизнис Мрежа
Иако компаниите се со седиште во Зелениково, тоа не значи дека вработуваат исклучиво жители од таа општина. Меѓутоа, нивниот раст и проширување имаат директно влијание врз локалната економија. Со комбинацијата на различни дејности во доменот на трговијата, производството и услугите, тие се пример како малите средини можат да прераснат во важни економски чинители.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска