ПОВЕЌЕ

    Со раст од 2,6 насто, БДП по жител достигна 8.025 евра – Дефинитивни податоци за 2023

    Време зa читање: 2 минути

    Потрошувачката на домаќинствата, а потоа и извозот на стоки и услуги биле главната движечка сила на економијата во 2023 година. Бруто-домашниот производ преклани изнесувал 902.905 милиони денари или близу 14,7 милијарди евра. Споредено со нивото од 2022 година, има номинално зголемување за 10,6 насто, додека реалната стапка на раст е 2,6  насто. Државниот завод за статистика ги објави дефинитивните податоци.

    Трговијата на големо и на мало, заедно со поправка на моторни возила и мотоцикли; транспорт и складирање; објекти за сместување и сервисни дејности со храна – се секторите кои имаат најголем придонес во ова придвижување. Во структурата на БДП нивното учество во додадената вредност е 18,6 проценти.

    За една година, пак, инвестициите во основни средства номинално пораснале за 13,6 насто. Во стуктурата на БДП имаат удел од 24,7 отсто.

    Според Статистика, во техничката структура на инвестициите во основни средства, градежните работи учествуваат со 57,8 проценти, машините и опремата со 32,5 проценти, а останатите инвестиции со 9,7 проценти.

    Финалната потрошувачка преклани номинално се зголемила за 9,1 насто. Партиципира со високи 83,4 отсто во структурата на БДП, односно оттаму економијата добивала најголем поттик.

    Учеството на извозот на стоки и на услуги во структурата на БДП во 2023 година e 67,4 проценти, информираат од ДЗС.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично