ПОВЕЌЕ

    СЕ’ ПОБЛИСКУ ДО ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР ВО ЗЕМЈАВА: Конкуренцијата е здрава работа, очекувам намалување на цените за мобилната телефонија, истакна вицепремиерот Николски

    Време зa читање: 2 минути

    Конкуренцијата е здрава работа, постојните мобилни оператори не направија ништо да ги намалат цените, оцени вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, по денешното отворање на понудите од тендерот за нов мобилен оператор.  Единствен понудувач е ОНЕ Македонија телекомуникации.

    „Апсолутно, конкуренцијата е здрава работа и мора да има конкуренција. Јас во една прилика кажав, дали ќе влезе или не трет мобилен оператор во државава, еве влегува, зависи само од постојните два оператори. За жал во овие година и нешто тие ништо не направија ниту да ги подобрат услугите ниту да ги намалат цените“, рече Николоски, на новинарско прашање пред денешниот состанок со раководството на Стопанската комора.

    Потсетувајќи дека поради локалните избори самата постапка ќе има некои ограничувања, Николовски истакна дека таа ќе продолжи веднаш по изборите. „Согласно тендерските правила веќе на крајот на следната година треба да работи новиот оператор, што значи дека му се дава една година да се опреми, со базни станици, итн, и веќе во следната година ќе можеме да имаме мобилни телефони и со трет оператор во државата“, изјави Николоски.

    Оне Македонија телекомуникации, фирма на унгарската 4iG е единствената компанија која достави понуда на тендерот на Агенцијата за електронски комуникации AEK за доделување одобренија за нов мрежен оператор.

    Оне Македонија телекомуникации лани изрази интерес за влез на македонскиот пазар како трет мобилен оператор. Тие и формално доставија понуда на тендерот на АЕК за доделување одобренија за нов мрежен оператор, откако во декември лани поднесоа документи до регулаторното тело.

    Потенцијалниот нов мобилен оператор во земјава, според условите од тендерот, треба да почне со работа на крајот на 2026 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично