ПОВЕЌЕ

    НАЈСТАРАТА БАНКА СО НОВИ УСПЕСИ: Стопанска банка Скопје со 32,8 милиони евра добивка во првото полугодие

    Време зa читање: 3 минути

    Најстарата македонска банка со позитивен резултат ја заокружи првата половина од 2025 година. Стопанска банка АД – Скопје оствари добивка пред оданочување во износ од 32,8 милиони евра, што претставува зголемување од 2 отсто во однос на истиот период минатата година. И покрај неизвесната економска клима и присутните инфлаторни притисоци, Банката ја задржа високата профитабилност и потврди стабилно работење.

    На добивката влијаела и намалената потреба за резервации поради подобрување на квалитетот на кредитното портфолио, при што исправката на вредност на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансна изложеност, на нето основа, изнесуваа 9,03 милиони евра, што е намалување од 27 проценти во однос на лани. Од друга страна, примената на глобалниот данок со ефективна стапка од 15 проценти резултираше со зголемување на даночните обврски за 42 проценти, што доведе до намалување на добивката по оданочување. Заработката по акција во овој период изнесуваше 99,73 денари.

    Во анализираниот период, нето-приходите од камати достигнаа 47,1 милион евра, што е намалување од 6 проценти на годишно ниво, додека нето-приходите од провизии изнесуваа 399,6 милиони денари и беа пониски за 7 проценти. Значителен раст од 30 проценти е забележан кај приходите од курсни разлики, кои достигнаа 1,6 милион евра, како резултат на зголемената обемност на девизните активности.

    Вкупната актива на Банката заклучно со 30 јуни 2025 година изнесуваше 2,4 милијарди евра, што е зголемување од 4 проценти во однос на крајот на минатата година. Најголемо учество во активата имаат кредитите и побарувањата од клиенти, кои достигнаа 1,6 милијарди евра, со раст од 2 проценти. Паричните средства и еквиваленти пораснаа за 14 проценти, додека вложувањата во хартии од вредност останаа на стабилно ниво од 269,9 милиони евра.

    На страната на пасивата, вкупните депозити од клиенти изнесуваат 1,8 милијарди евра, додека капиталот и резервите достигнаа 439 милиони евра, што е намалување од 8 проценти поради исплата на дивиденда на обичните акции во бруто-износ од 64,8 милиони евра или 3,7 евра229 денари по акција. Истовремено, на последното собрание на акционери беше донесена одлука за капитализирање на дел од добивката во износ од 59,6 милиони евра, со што капиталната адекватност на Банката во јуни достигна 20,54 проценти.

    Во периодот јануари–јуни 2025 година, Банката исплати и дивиденда на имателите на приоритетни акции во износ од 22,1 илјади евра, односно 6 денари по акција.

    Покрај финансиските резултати, Банката активно инвестира во дигитализација, изградба на нова управна зграда и унапредување на клиентското искуство. Во рамките на својата општествена одговорност, таа продолжува со еколошки и образовни иницијативи, како што се проектот „Зелен ѕид“ и отворањето нова студентска читална на Медицинскиот факултет во Скопје.

    Во услови на умерен економски раст и неизвесни глобални текови, Банката останува фокусирана на стабилноста, поддршката за клиентите и одржливо проширување на своите активности, особено во доменот на кредитирањето на компании и населението.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично