Како пензиските фондови можат да се искористат во идната инфраструктурна изградба на државата? Може ли да се обезбедат средства и од пензиски фондови во светот кои сакаат да вложат во инфраструктура?
Повод за овој текст е пуштањето на експресниот пат Дреново-Плетвар, за кој сум многу среќен – оти тој пат (стариот) го знам до секој најситен детал, затоа што уште откако паметам за себеси сум се возел по него. Со годините сум ја научил секоја кривина и се што следува како пејсаж по него. Ме радува што е постигнат напредок и тоа е за огромна пофалба. Се радувам на секоја инфраструктурна изградба во нашата земја и се радувам што сега се размислува во таа насока.
Вториот повод за овој текст е една информација што ја слушнав на телевизија изминативе неколку седмици: дека нема заинтересирани банки за финансирање на изградбата на брзата пруга по Коридор 10. Тоа не само што предизвикува сериозно внимание, туку и носи симболична тежина – уште еден голем национален проект што стои во место, и уште една шанса што ризикуваме да ја пропуштиме. Јас лично не сакам оваа држава да ја пропушти.
Но токму во моментот кога ги составував овие мисли, во јавноста се појави нова и мошне значајна информација: дури 16 светски финансиски институции изразиле интерес да учествуваат во финансирањето на истиот тој проект – пругата на Коридор 10. Оваа нова реалност го менува наративот: интернационалниот капитал е подготвен да вложи, но сега топката е кај нас – дали ќе обезбедиме јасна стратегија, стабилен правен амбиент и институционален капацитет?
Оваа вест во мене разбуди подолга низа размислувања. Не само за пругата, не само за Вардарската Долина, туку за целиот наш однос кон иднината, развојот и потребата конечно да излеземе од кругот на пропуштени можности. И тоа размислување ме врати наназад – до едно друго време, кога се формираше мојата слика за светот.
Јас читам весници уште од како паметам за себеси. Кај нас дома, кога бев дете, секогаш имаше весници. И тоа не еден – повеќе: Нова Македонија, Вечер, Екран. Многу често се наоѓаше и прилика да се прочита и Политика или Вечерњи лист – како некоја мала екскурзија во читањето весници од другите центри на поранешна Југославија. Тие весници носеа поинаква енергија, но не беа секојдневни гости кај нас дома.
Се сеќавам, особено јасно, на времето кога беше Олимпијадата во Сараево. Имав само шест години. Она што го гледав на телевизија, подоцна можев да го видам во весникот. Тоа беше некаков мој детски начин на соживување со еден голем настан. Весникот ми беше прозорец во светот – начин да дознаам што се случува надвор од моето маало, надвор од градот.
Од мојот вистински прозорец ја гледав Шар Планина, покриена со снег, и со детска наивност мислев дека Олимпијадата се случува токму таму некаде – зад планината. Не знаев што е Балкан, ни каде точно е Сараево, ама верував дека е „тука некаде“, веднаш зад тие високи бели врвови. Весникот ми помагаше да го поврзам тоа што го гледав на телевизија со светот околу мене, и ми даваше чувство дека и ние сме дел од нешто многу поголемо.
За жал, тогаш Шар Планина имаше некаков скијачки центар, со неколку хотелски капацитети, кои беа активни и живи во тоа време. Денес, тие капацитети или веќе не постојат, или се сосема застарени и надвор од времето. Уште еден симболичен пример за тоа како нешто што некогаш беше потенцијал, со тек на време – ако не се негува и развива – станува само спомен.
Во подоцнежните години, веројатно во адолесценцијата, повторно преку весниците, дознав за еден друг голем проект — Вардарска долина. Претставуван како систем што ќе донесе големи придобивки за економијата, за инфраструктурата, за енергетиката. Дури се споменуваше и амбициозен сообраќаен коридор – канал Дунав–Морава–Вардар, кој би го направил Вардар пловен, поврзувајќи го Солун со Амстердам, Егејското со Северното Море. Каква визија!
И денес, по три децении, од некоја навика, понекогаш повторно купувам весник. И повторно, по 30 години, читам за истиот проект. Исти ветувања, исти скици, исти потенцијали — но без реализација. Читам и изјави од експерти кои некогаш работеле на проектот, кои повикуваат локацијата на пругата по Коридор 10 да се премести, со цел да се овозможи реализација на проектот Вардарска Долина. Секако, тоа би било одлично како долгорочно одржливо решение.
Она што сакам да го напоменам е дека, денес ситуацијата не е сосема иста. Денес, за првпат, еден специфичен сегмент на домашниот финансиски систем има доволно акумулиран капитал кој може да биде дел од решението. Пензиските фондови во Македонија, по речиси две децении постоење, акумулирале значајни средства кои пензиските друштва се обврзани да ги вложуваат прудентно, исклучиво во интерес на членовите и пензионираните членови на пензиските фондови . Со соодветно креирани инфраструктурни обврзници, дел од тие средства – не целосно токму заради прудентноста и интересот на идните пензионери, но во одреден дел – можат да се насочат кон финансирање на национални инфраструктурни проекти.
Верувам дека пензиските фондови во Македонија може сериозно да пристапат кон опцијата за инвестирање во инфраструктура, преку различни модалитети кои мора да бидат дизајнирани на начин кој ќе им обезбеди на повеќе од 600 илјади членови на задолжителните пензиски фондови соодветен принос но и сигурност. Зошто да не се инвестира, на пример, во Хидроцентралата Чебрен? Зошто дел од тие пари да не ја поттикнат реализацијата на иницијативи како Вардарска долина? Зошто пензиските фондови да не инвестираат и во брзата пруга на Коридор 10? Овие фондови се долгорочни по својата природа – како што се и инфраструктурните проекти. Потребна е само стратегија, институционална храброст и координација на колективно ниво.
Дополнително, постои и реален потенцијал за вклучување на пензиски фондови од Западна Европа, САД и Канада во финансирање на стратешки проекти како изградбата на брза железничка пруга на Коридор 10. Овие фондови, кои управуваат со стотици милијарди долари, бараат долгорочни и стабилни инфраструктурни инвестиции со предвидлив поврат. Со јасен правен и инвестициски модел, учество на меѓународни институции, ESG компонента и транспарентна структура – овие фондови можат да станат вистински партнери. Меѓу ваквите институции се вбројуваат Canada Pension Plan Investment Board (CPPIB), холандскиот APG, како и американските CalPERS и CalSTRS – сите со активно портфолио во железничка, енергетска и транспортна инфраструктура на глобално ниво.
Овој текст го пишувам како добронамерен придонес во јавната дебата – со надеж дека ваквите размислувања ќе бидат дел од поширока, визионерска замисла за инфраструктурна изградба на нашата земја. Не како конечен одговор, туку како предлог што може да се надгради во реално и одржливо решение.
Ова е шансата што не смееме да ја промашиме. Не смееме да останиме со застарена инфраструктура или без инфраструктура. Не затоа што така ќе бидеме „во тренд“, туку затоа што во спротивно ќе бидеме уште посиромашни, уште помаргинализирани, уште поневидливи.
Ова е повик до сите: политичарите, претприемачите, наставниците, родителите. Да инвестираме во инфраструктура, да инвестираме во образование за иднината, да инвестираме во здравството, да поддржиме стартапи, да разменуваме идеи, да креираме околина каде што младите ќе сакаат да останат, а не да заминат. Затоа што светот нема да не чека – но може да не препознае ако сме подготвени.Да не дозволиме, повторно, иднината да помине покрај нас — денес не додека ја читаме во весник, туку додека ја скроламе на некој веб портал.
Автор на текст: Д-р Петар Талески – Член на Управен одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
Приватните пензиски фондови – вештачки езера на економијата во Северна Македонија
Втор дел: Како Македонија може да го запре одливот на мозоци?