Банките располагаат со депозити од 9,9 милијарди евра, а за потребите на граѓаните и на бизнисите обезбедиле кредитна поддршка од 8,35 милијарди евра. Состојбата е од мај, кога во двата најзначајни сегменти од банкарскто работење се забележани речиси идентични движења. Годишната промена кај депозитите е плус 12,2, а кај кредитите 12,1 процент. Со тоа што за растот на влоговите позначајна е улогата на населението, а за кредитите – компаниите.
На месечно ниво вкупните депозити (во износ од 609.131 милион денари) се зголемиле за 133,5 милиони евра, односно за 1,4 насто, со поизразен придонес на корпоративниот сектор. Вкупните кредити (514.014 милиони денари), пак, во мај се зголемиле за 1,1 насто. Или, за 89,3 милиони евра. И тоа, „со поголем придонес на секторот домаќинства“, како што посочуваат од Народната банка.
ДОМАЌИНСТВАТА КОЛКУ ШТО ЗАШТЕДИЛЕ ТОЛКУ И СЕ ЗАДОЛЖИЛЕ
Во текот на минатиот месец, граѓаните колку што ги дополните своите банкарски сметки, толку и се задолжиле – по 52 милиони евра. Нивните заеднички депозити од априлските 408.621 милион денари (6,64 милијарди евра) во мај се зголемиле на 411.827 милиони денари (6,69 милијарди евра). Тоа претставува движење од 0,8 проценти. „Притоа, растот произлегува од зголемените краткорочни депозити во странска валута, долгорочните и краткорочните депозити во денари, долгорочните депозити во странска валута и депозитните пари“, се образложува во соопштението од НБРМ и се додава дека годишниот раст е 13 проценти.
Вкупната задолженост на населението е 259.548 милиони денари или 4,22 милијарди евра. Со месечна промена од 1,3 насто, која произлегува од повисокото кредитирање во денари и во странска валута, но со поголем придонес на кредитите во домашната валута.
Мајскиот праг на најчесто бараните и најмногу користените потрошувачки кредити е подигнат за 1,2 процнети. Тие се во износ од 133.568 милиони денари (2,17 милијарди евра). За исто толкав процент (1,2) се поголеми и одобрените станбени кредити, каде што мајскиот тотал е 99.716 милиони денари (1,6 милијарди евра). Годишниот раст на овие два вида кредити е 9,6, односно 14,4 проценти.
Побарувачката на кредити за набавка на автомобил опаднала во мај за 1,6 отсто. На годишна основа падот е 0,7 проценти, а нивниот износ е 407 милиони денари (6,6 милиони евра).
И натаму паѓа интересот за задолжување врз база на кредитните картички. Заедничкиот долг на корисниците е 8.606 милиони денари (околу 140 милиони евра), проследен со месечно осипување од 0,2 и годишно за 8 проценти. Негативните салда на тековните сметки бележат месечен раст од 4,8 насто, а годишен пад од 2,3 отсто. Намалени се и кредитите одобрени врз други основи – за 1,5 и за 9 проценти на месечно и на годишно ниво.
КРЕДИТНА ПОДДРШКА ОД 4,09 МИЛИЈАРДИ ЕВРА
Корпоративниот сектор во текот на мај ги зголемил своите банкарски депозити за 2,7 насто. Притоа, достиганат е сума од 171.111 милиони денари (2,78 милијарди евра). „Нагорната промена во најголем дел се должи на растот на краткорочните депозити во странска валута, при раст и на депозитните пари и долгорочните и краткорочните депозити во денари, во услови на пад на долгорочните депозити во странска валута“, велат од Народната банка. Годишниот раст е за 12,4 проценти.
Севкупната кредитна поддршка за бизнисите во мај изнесува 251.936 милиони денари или 4,09 милијарди евра. Месечното зголемување е измерено со еден насто, а годишното си 14,3 проценти. Промените, наведуваат од централната банка, во целост произлегуваат од растот на кредитирањето во денари, а во услови на пад на кредитите во странска валута.