Падот на цените, пред сѐ, кај храната и безалкохолните пијалаци, се причината поради која во март, а во споредба со февруари, е измерена инфлација со минусен предзнак. Односно дефлација од 1,3 проценти. На годишно ниво состојбата и натаму е позитивна за инфлаторното движење. Стапката е 2,7 проценти. А, цените од март 2024 до март 2025 година се повисоки за 2,2 насто.
Според Државниот завод за статистика, месечното намалување на ифлацијата произлегува од пониските трошоци на животот во пет групи. Најголемиот пад од три проценти е регистриран кај храната и безалкохолните пијалаци. Следуваат транспортот со 1,8 отсто, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,6, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,5 и разновидни стоки и услуги за 0,3 проценти.
Од деталната статистичка слика за движењето на цените кај храната се гледа дека најголемото месечно осипување го има кај прехранбените производи неспоменати на друго место – за 5,2%; риба и морски плодови за 4,0%; месо – за 3,8%.
Зголемени цени има кај овошјето, за 3,8%, што е одраз на т.н. сезонски ефект. Целосно идентичен е и растот кај зеленчукот, но овде е воочливо долгорочно поскапување – годишно за 3,4 и квартално за три проценти.
Најалармантно е зголемувањето кај маслата и мастите, гледано од годишен аспект. Цените се повисоки за 10 проценти, при што месечното поевтинување за 1,7 проценти нема позначајна улога.
Од друга страна, од февруари до март се зголемени трошоците на животот во шест групи. Статистиката забележала поскапување од по 0,4 насто кај домување, вода, електрика, гас и други горива, како и кај облека и обувки. Услугите од групата ресторани и хотели се повисоки за 0,3 проценти. По 0,2 насто има повеќе кај цените во комуникации и во здравје, додека за 0,1 процент во рекреација и култура.
Статистиката покажува дека трошоците на животот во групата образование остануваат на исто ниво како и претходниот месец.
Индексот на цените на мало во март 2025 година во однос на февруари 2025 година изнесува 99.1.
Мартовската инфлација е умерена. Според проекциите, годинава би требало стапката да се сведе на 2,5 проценти.