Стопанска банка Битола во март ја предводи листата на акции со најголем постигнат раст. Позицијата ја обезбеди со позитивната промена од 13,79 проценти. На врвот меѓу акциите со најголем пад е издадената од РЖ „Економика“.
На 28 февруари просечната цена на акцијата од Стопанска банка Битола изнесувала 2.900 денари. Еден месец подоцна, на 28 март, достигнала 3.300 денари. Инаку, во текот на минатиот месец со овие акции биле направени 32 трансакции, а прометот е 8.084.875 денари или 131.042 евра. Со тоа, се наоѓа на деветтото место меѓу десетте најтргувани акции.
Раст од 5,88 проценти има кај акцијата на скопски „Адинг“. На последниот работен ден од март имала просечна цена од 1.800 денари, а еден месец претходно – 1.700 денари. Минатиот месец е регистрирана една трансакција и купопродажба на 100 акции.
Треторангирана е акцијата на „Македонијатурист“. Февруарскиот просек бил 10.850, а мартовскиот 11.200 денари. Разликата е плус 3,23 проценти. Хартијата од вредност, за која до неодамна имаше огромен интерес, минатиот месец била предмет на тргување во четири трансакции.
Позитивното поместување кај акцијата на РЖ „Услуги“ е за 2,17 проценти. Тоа во просечната цена претставува раст од еден денар. Или, од 46 на 47 денари. И со оваа акција во март еднаш се тргувало.
Плус листата за март завршува со НЛБ банка, чија акција се придвижила за 2,14 проценти. Дошла до 59.100 денари, додека на крајот од февруари сумата била 57.862,73 денари. Се работи за акција која редовно е меѓу петте најинтересни за инвеститорите
Минусот од 42,70 проценти ја позиционира РЖ „Економика“ како акција со најголемо месечно опаѓање. На 28 февруари била на нивото од 89 денари, а на 28 март – 51 денар. Минатиот месец е регистрирано едно тргување, кое опфаќа 24 акции.
Следи „Либерти“, поради тоа што вредноста на акцијата се намалила од 13 на 10 денари. Тоа претставува негатива од 23,08 проценти. Во берзанската статистика е заведена една трансакција во март.
Од 2.500 денари во февруари, акцијата на „Раде Кончар“ во март се спуштила на 2.500 денари. Ова движење по надолната линија е заокружено на осум проценти.
Намалена е и вредноста, за 6,39 отсто на постојано втората акција според побарувачката на официјалниот пазар. Акцијата на „Алкалоид“ го завршила март со просек од 27.504,26 денари. Еден месец пред тоа, чинела 29.381,38 денари.
На крајот од оваа листа, со најмал пад од 5,30 проценти, е хартијата од вредност емитувана од кондиторската индустрија „Европа“. Во бројки тоа намалување значи дека од февруарските 3.168, акцијата дошла до 3.000 денари на последниот работен ден во март.