ПОВЕЌЕ

    МБА: „Европски квиз на парите” по седми пат, повик до училиштата да пријават свои тимови

    Време зa читање: 3 минути

    Меѓународниот натпревар – „Европски квиз на парите”, проект на Европската банкарска федерација за финансиска едукација на учениците од тринаесет до петнаесет години, годинава кај нас ќе се одржи по седми пат, во организација на Македонската банкарска асоцијација.

    Од МБА упатуваат јавен повик до основните и средните училишта во државата, со свои тимови да се приклучат во годинешното напреварување. Пријавувањето е можно до 21 февруари.

    Овој едукативен квиз се одвива во две фази. Првата ги опфаќа националните натпревари во секоја земја. А, во втората фаза, која всушност е и европското финале, учествуваат националните победници на земјите-учеснички.

    Во два круга се одвиваат и националните одмерувања на знаењата, кои за македонските учесници ќе се одржат во рамките на „Глобалната недела на парите“, од 17 до 23 март.

    Селекцијата на најдобрите тимови се прави во првиот круг преку онлајн натпревар, на македонски и на албански јазик. Потоа, во вториот круг, за кој е предвидено физичко присуство во просториите на МБА, најдобрите тимови се натпреваруваат за титулата „национален шампион“. А, тимот од најдобрите двајца ученици ќе ја претставува нашата земја на европското финале, кое ќе се одржи на 22 и 23 мај, во Брисел, Кралството Белгија. Секој тим се натпреварува на својот мајчин јазик.

    Тимовите што ќе се пласираат на првите три места, за своите училишта обезбедуваат парични награди од Европската банкарска федерација.

    „Натпреварите ќе се одвиваат преку посебна електронска апликација за оваа намена Кахут (Kahoot!), која е едукативна платформа врз база на игра“, посочуваат од МБА и ги повикуваат заинтересирани основни и средни училишта да пријават одделенија/класови за учество на националниот натпревар во Република Северна Македонија најдоцна до 21 февруари 2025 година, на веб-страницата на Македонската банкарска асоцијација или на електронската адреса: [email protected].

    Во тимовите се по двајца ученици, секое училиште може да пријави повеќе одделенија/класови и секој клас може да пријави повеќе тимови. Учениците треба да се на возраст од 13 до 15 години, со датум на раѓање од 23 мај 2009 до 23 мај 2012 година.

    Едукативните материјали потребни на учесниците од Република Северна Македонија за подготовка за националниот натпревар и за европското финале, како и повеќе информации за Европскиот квиз на парите се достапни на веб-страниците mba.mk и efb.eu.

    Натпреварот се реализира во соработка со Народната банка и со Комисијата за хартии од вредност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично