Да се оди во пензија на 67-годишна возраст, а границата да се крене од почетокот на 2026 е една од мерките предложени од Фискалниот совет, кои треба да се преземат за да се обезбеди стабилноста на Пензискиот фонд. Тоа ја предизвика првата, засега, реакција, која пристигна од Левица. Предупредуваат – работниците ќе „робуваат во своите животи за нивните имоти“, мислејќи на политичарите.
Станува збор за Фискалната стратегија за периодот 2025-2029 година. Меѓу другото, се предлага и зголемување на придонесот што се одвојува за обезбедување редовна исплата на пензииите. Еве што пишува во овој документ усвоен од Собранието.
„…Исто така, определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на два пати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот помеѓу приходи од придонеси и расходи за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ФПИОМ.
Фискалниот совет е на мислење дека за одржување на ФПИОМ, намалување на фискалните ризици и консолдација на буџетот во наредниот среднорочен период, потребни се дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените, така и постепено (макар и благо) зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ (тековно е 18,8%), која моментално е за 2,4% помала во однос на 2008 година кога изнесуваше 21,2%. Кога на оваа би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1500-1700 нови пензионери, придружено и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен. Оттука, фискалната одржливост на Фондот за ПИОМ претставува посебен фискален ризик.
Имајќи го во предвид значителното намалување на невработеноста, недостатокот од квалификувана и професионална работна сила Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5%. Потоа во 2027 година би се направила дополнителна анализа на фискалната одржливост на ФПИОМ и во зависност од трендот и потребата би требало постепено да се зголемува стапката на најмалку 21% до 2029 година“.
Ова е поводот по кој се огласи Левица.
„За стратегијата што ја усвои владејачкото мнозинство стои препорака, старосната граница за остварување на право за пензија на мажи и жени да се помести на 67 години. Доколку десничарската логика на експлоататорската Влада посегне по ваква пензиска политика, неминовно од македонските работници ќе создаде слуги на капиталот, кои робуваат во своите животи за нивните имоти“, посочуваат од партијата.
Од Левица наведуваат дека Македонија е социјална држава и „нема да дозволиме ниту една институција или пак Владата предводена од ДПМНЕ или било која друга, од македонскиот работник да создаде робови на нивните капитали“.
Воедно, препорачуваат од каде треба да се почне со интервенции во ПИОМ.
„Доколку сакаат да интервенираат во ФПИОМ, тогаш нека почнат од нивните функционери кои го доведоа во ваква состојба! Повикуваме Фискалниот совет да ги преиспита своите мислења. Потребно е спроведување стратешки политики во реалниот сектор кои ја подобруваат положбата на работниците, во спротивно бранот на иселување на млада и стручна работна сила нема да биде спречен, а со тоа нема да се спречи и намалувањето на придонесот во ФПИОМ“, децидни се од Левица.