ПОВЕЌЕ

    Со дозвола од КХВ – „Тотал инженеринг“ може да стартува со преземање на „Герас Цунев“

    Време зa читање: 2 минути

    „Тотал Инженеринг“ на Вице Заев може да даде понуда за преземање на целните друштва „Герас Цунев“ – конфекција и трговија. Дозволата ја доби од Комисијата за хартии од вредност.

    Пред извесно време оваа фирма стана мнозински сопственик во овие две друштва, па во понудата не е утврдена најмала количина која би била потребна за понудата да се смета за успешна.

    Цената за акција што ја нуди „Тотал инженеринг“ е 310 денари. Предвидена е за преземање на 18.151 обична акција со право на глас од „Герас Цунев конфекција“, како и на 18.373 акции издадени од „Герас Цунев трговија“.

    „Преземачот, до денот на објавувањето на намерата за преземање, поседува 49.841 обични акции, односно 73,30% од основната главнина на Герас Цунев Конфекција АД Струмица“, се вели во објавата на КХВ, а во продолжение се наведува: „Преземачот, до денот на објавувањето на намерата за преземање, поседува 50.303 обични акции, односно 73,25 % од основната главнина на Герас Цунев Трговија АД Струмица“.

    Целните друштва од 30 мај 2022 година се наоѓаат на берзанската листа на набљудување. По промените што настанаа во сопственичката структура и најавата за преземање, Македонска берза на 25 октомври ја прошири основата за „обрнување внимание“.

    Инаку, во деветте месеци од годинава делот Конфекција бележи добивка од 720 илјади денари. Се занимава со производство на „друга горна облека“ како основна, а регистрирани се и други над 70 дејности во внатрешниот, а активности има и во надворешниот промет.

    Сето ова се однесува и на целното друштво Трговија, со таа разлика што основна дејност е трговија на големо со текстил, а третиот квартал го завршило со загуба од 921 илјада денари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично