За шест месеци се инвестирани повеќе од 15 милиони евра, а дури 71 отсто од вкупната продажба е остварена на странските пазари
До врвот се доаѓа, проблем е како да се остане таму. Лекции на таа тема држи скопски „Алкалоид“. Првата е – успехот е неизбежен, доколку на вистинското место се постави вистинскиот човек. И кога во тимот се најдобрите од најдобрите. Затоа и се подготвени за предизвици. И се многу поразлични. Го разбиваат сивилото со секој нов производ, со секој пробиен и освоен нов пазар, со менаџирањето, со грижата за вработените, со општествената одговорност… Поради сето тоа и поради голем број други причини, му веруваме на „Алкалоид“. И ние дома, и многумна во странство.
Еве зошто.
Успешна е првата половина од годинава за скопскиот фармацевтски гигант „Алкалоид“. Инвестициите се зголемени за 91 насто, добивката за 19 проценти, остварени се 106 нови вработувања. Приходите во најголем дел се од продажбата на сопствените производи пласирани на странските пазари. Во овој период токму „Алкалоид“ го санирал недостигот на антибиотици во европските земји, со што реализацијата ги надминала првичните проекции. Сето тоа во споредба со првите шест месеци од 2022 година.
Добивка – Од јануари до јуни „Алкалоид“ евидентирал единечна нето-добивка од 814.787 илјади денари или 13,2 милиони евра.
Консолидираната нето-добивка, пак, е во износ од 773.414 илјади денари, односно 12,5 милиони евра. Зголемувањето е за 19 проценти во однос на резултатите од минатогодишното прво полугодие.
Приходи – Остварените единечни вкупни приходи во периодот јануари-јуни годинава изнесуваат 6.474.598 илјади денари или 105 милиони евра. Споредено со постигнувањата во истиот период лани, бележат раст од 13 насто. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, односно 97 проценти, имаат приходите од реализираната продажба на производи и услуги, кои во однос на споредбениот период се повисоки за 19 насто.
Консолидираните вкупни приходи се во износ од 8.591.099 илјади денари, односно 140 милиони евра и се со раст од 15 проценти. И тука е доминантен уделот на приливите од продажбата на сопствените производи и услуги – со 98 отсто. Растот е 18 проценти.
Расходи – Зголемување има и кај единечните вкупни расходи, за 13 насто. Достигнат е износ од 5.592.173 илјади денари/91 милион евра.
Остварените консолидирани вкупни расходи се 7.710.194 илјади денари (125 милиони евра) и во споредба со истиот лански период се повисоки за 14 насто.
Продажба – Дури 71 отсто од вкупните консолидирани продажби се остварени на странските пазари. Најголем пораст кај извозните пазари бележи продажбата во земјите од Источна Европа и Западна Европа. Воедно, продажбата ги надминала плановите, а тоа, според компанијата, делумно се должи на недостигот од антибиотици од други производители на повеќето извозни пазари. Овие недостатоци „Алкалоид“ успеа да ги покрие преку зголемен обем на производство и продажби на антибиотици од сопственото портфолио.
Инвестиции – За шест месеци вкупните инвестиции во основни средства изнесуваат 937.984 илјади денари, односно повеќе од 15 милиони евра. Гледано од аспект на резултатите во овој домен регистрирани во споредбениот период, растот е од големи 91 насто.
Дивиденда – Од компанијата посочуваат дека на априлското Годишно собрание на акционерите е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2022 година од 701.363 илјади денари (11,4 милиони евра), односно 441 денари нето за една акција. Во споредба со исплатената дивиденда по акција за 2021 година од 396 денари нето, зголемувањето е за 11,36 насто.
Вработени – За шест месеци во компанијата се реализирани 106 нови вработувања. Со тоа, Групацијата брои 2.733 вработени, од кои 2.065 се во земјава, а 668 се вработени во подружниците во странство.
Сите тие, со мартовската одлука на Управниот одбор добиле регрес за користење годишен одмор во нето-износ од 36.500 денари.
Бизнис-план – Согласно годинешниот бизнис-план, скопски „Алкалоид“ треба да инвестира околу 11 отсто од консолидираните приходи од продажбата во материјални и во нематеријални средства. Предвиден е десетпроцентен раст на консолидираните продажби во однос на 2022 година, како и раст од седум насто на консолидираниот профит пред оданочувањето.
Бизнис-планот е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи.
Сите овие вредности им се добро познати на инвеститорите. Успесите се патоказ за набљудувачите во која насока да се движат, па затоа и акцијата на „Алкалоид“ е меѓу најбараните и најтргуваните на Македонската берза.