ПОВЕЌЕ

    Откако се забави растот на станбените кредити, сега мерки против можен остар пад на цените на становите

    Време зa читање: 4 минути

    Ако се продлабочи економската криза и цените на становите почнат да одат нагло надолу, банките треба ќе бидат подготвени од овие шокови, велат од Народната банка. Затоа, како што велат од Централната банка, за само една година дури три пати е сменета стапката за противцикличен заштитен слој на капиталот на банките.

    Одлуката за воведување на оваа стапка прв пат беше донесена во јули 2022 година (види текст на pari.com.mk) и нејзината примена ќе стартува од 1 август годинава и ќе изнесува 0,5 отсто. Во декември 2022 и во јуни 2023 уште два пати се носеше одука за нагорна корекција на оваа стапка, при што од јануари 2024 година оваа стапка ќе биде 0,75%, а од август наредната година 1 отсто. Од НБМ сметаат дека со ваквите рокови на сите банки им се дале доволно време да се прилагодат на одлуката.

    ПРОТИВЦИКЛИЧЕН ЗАШТИТЕН СЛОЈ НА КАПИТАЛ НА БАНКИТЕ

    1 АВГУСТ 2023             0,5%

    1 ЈАНУАРИ 2024           0,75%

    1 АВГУСТ 2024             1%

    „При носење на мерката, меѓудругото ги имавме предвид и состојбите на пазарот на недвижности, кои упатуваат на потреба од внимателност. Минатата година беше забележан изразен тренд на раст на цените на становите достигнувајќи околу 20% во втората половина на годината. Од почетокот на оваа година податоците за пазарот на недвижности покажуваат одредено забавување на растот на цените, а нашите досегашни анализи покажуваат дека растот на цените на пазарот на недвижности генерално ги рефлектира промените во понудата и побарувачката. Стапката на раст на станбеното кредитирање исто така забавува, а портфолиото на станбени кредити е здраво и со највисок квалитет и засега нема знаци за остварување на кредитниот ризик. Ризиците за банкарскиот сектор поврзани со пазарот на недвижности главно се врзуваат со евентуалното поостро свртување на економскиот циклус, односно доколку дојде до брза и силна надолна корекција на цените, што може да влијае врз ликвидноста на заложените недвижности кај банките, и во крајна линија  да доведе до остварување на кредитниот ризик. Движењата на пазарот на недвижности засега не упатуваат на вакви ризици, но потребна е внимателност. Она што е особено важно е што тековно банките се соодветно капитализирани, со способност за апсорбирање на ризиците, а со оваа мерка уште повеќе се јакне нивната капитализираност“, велат до НБМ за www.pari.com.mk

    Инаку, нефункционални кредити кај станбените кредитни производи е низок и заклучно со првиот квартал во 2023 година изнесува 0,5%.

    Од НБМ велат дека банкарскиот сектор е исклучително здрав, а во оваа констатација ја потврди и Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која престојуваше во Македонија на почетокот на јуни и која во своите заклучни согледувања посочи дека банкарскиот систем е ликвиден, профитабилен и соодветно капитализиран. Затоа од Централната банка велат дека кога на банките добро им оди, треба тие од својот капитал да одвојат пари за можните последици од идните кризи.

    „Со противцикличниот заштитен слој на капиталот се јакне капиталната сила на банките, односно отпорноста на банкарскиот сектор на ризици. И во рамки на ЕУ присутна е тенденција за зајакнување на отпорноста на банкарските системи во услови кога банките се профитабилни и сеуште нема материјализација на ризиците во нивните биланси. Станува збор за макропрудентна мерка, а овие мерки се насочени не кон поединечни банки туку кон зајакнувањето на отпорноста на целиот банкарски систем и се преземаат превентивно, особено во периоди кога банкарските системи остваруваат позитивни финансиски резултати.“

    Од НБМ велат дека од лани превентивно се воведува заштитeн слој на капиталот, поради оцените за постепено кумулирање на цикличните системски ризици, во услови на продолжена неизвесност, вклучително и на пазарот на недвижности, а со него се јакнат заштитните механизми на банките за апсорбирање на потенцијални идни шокови.

    Г.Т.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично