Прилепската прехранбена индустрија „Витаминка” АД нотираше позитивен финансиски резултат од работењето во првите три месеци од годинава. И покрај тоа, кај прикажаните бројки со кои се сумираат активностите, видливи се поместувања во однос на истиот период од 2022.
Добивката по оданочување е намалена за 60 проценти и е во износ од 5,598 илјади денари, односно 90,8 илјади евра.
Од јануари до март се остварени приходи од 13,39 милиони евра (826,281 илјада денари), при што е забележан незначителен пад од 0,78 отсто. Во структурата на вкупните приходи најголемо е учеството – 99 проценти на приходите остварени од продажба на производи и услуги од основната дејност.
Намалување има и кај расходите, за четири проценти и се во вкупен износ од 13,06 милиони евра или 805,601 илјада денари.
Во извештјот доставен до Берзата, од компанијата наведуваат дека во првото тримесечје се преземени соодветни активности согласно мерките за продажба на сончогледовото масло за јадење. Трендот на вкупниот приход се оценува дека „не е лош“, но се додава „неблагодарно е да се предвидува во услови на голема макроекономска нестабилност“.
Исто така, од „Витаминка“ посочуваат дека раководството ги разгледува тековните пакет мерки донесени од Владата, „со цел амортизирање на негативните ефекти на континуираното деловно работење“, при што внимателно се планира тековната ликвидност и оперативните активности.