ПОВЕЌЕ

    Дали со работа од дома жените ја губат трката на пазарот на трудот?

    Време зa читање: 3 минути

    Вирусот Covid-19 донесе нов бран на транзиција. Многу луѓе останаа без работа, а огромен број се уште работат од дома. Најмногу изненадува колку многу повеќе жени отколку мажи сакаат да работат од дома и по завршувањето на пандемијата. Ги разбирам. Им се чини полесно да седат дома за да купат два-три саати плус од денот, кои ќе ги потрошат во организирање на децата и семејството, средување на домот, завршување некакви обврски надвор од дома. Поретки се тие што вишокот време ќе го потрошат за себе – за вежбање, дружење или уживање. Едноставно, ќе ги изеде секојдневието, што би рекла мајка ми.

    Мајка ми остана без работа на свои 42-43 години. Тогаш транзицијата изеде многу успешни компании и многу работни места. Тоа што остана без личен доход секако беше најголемиот удар за семејниот буџет. Но, за неа тоа не беше единствениот удар. Најмногу ја погоди фактот дека веќе нема да оди на работа. Што едноставно почна да се чувствува бескорисно, а толку многу работа имаше да заврши по дома. Ама тоа не ја исполнуваше, тоа беше секојдневие.

    Ми требаа многу години да сфатам дека работата за неа не беше само извор на егзистенција. Работата беше нејзината реализација, предизвик, важен дел од животот.

    Од сегашна перспектива, можам комплетно да се согласам со нејзиниот став. Премногу опасно е жените, по линија на помал отпор и како наследство од Covid-кризата, да се затворат дома. На долг рок, тоа ќе има сериозни последици врз самите нив, врз нивните деца, семејството и целата економија.

    Веќе никој нема дилема дека работата од дома, освен предности, има и сериозни ризици. Кога не ве гледаат во компанијата, вие станувате помалку забележлив и помалку важен. Никој нема да ве викне од дома за да ве награди или унапреди. Колегите ќе ве заборават, освен кога ќе треба да ви пратат работа. При првата криза во компанијата, најлесно е од вас да се ослободат. Тоа што ќе работите домашни работи повеќе од претходно, затоа што сега почесто ќе чистите и готвите, ќе ви биде неплатен труд. Вашите деца и партнерот ќе знаат дека сте постојано дома и на тоа ќе сметаат.

    Кога ќе дојде време вашата ќерка да се образува, да се вработи и да брка кариера, ќе ви биде тешко да и објасните дека треба да биде независна и успешна жена. Фактот дека жените можат или сакаат да работат од дома може да влијае во иднина да се измести генералната перцепција кон жените како вработени. Можеби вашиот син ќе очекува и неговата партнерка постојано да биде дома. Доколку жените масовно се определат за работа од дома на долг рок, однапред ја имаат изгубено и битката за изедначување со платите и со функциите на колегите од машкиот пол. Тоа што во моментот изгледа безопасно и прифатливо, на долг рок е многу погубно.

    Нека 8 Март не потсети на сите битки што ги воделе жените низ историјата и на сите нивни подвизи!

    Фејсбук пост

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично