Повеќе од седум децении се вложува во развој на официјалната статистика и нејзиното усогласување со меѓународните стандарди. Ова е голема општествена одговорност, бидејќи не смееме да заборавиме дека квалитетната статистика е јавно добро. Без соодветна статистичка основа, ниедна одлука на носителите на политиките, како и на сите економски субјекти не може да биде конзистентно поставена, ниту да ја постигне својата цел. Неслучајно, Симон Њутн Декстер Норт, уште на почетокот на минатиот век, има речено дека „статистиката претставува инструментариум со којшто се мери напредокот на цивилизацијата“.
Влогот на 📊 Државниот завод за статистика за развојот на националната статистика е огромен. Согледано од денешна перспектива, со основањето на Македонскиот федерален статистички уред, којшто се трансформира во Завод за статистика, беше поставена и инфраструктурата преку којашто по осамостојувањето се овозможи брз почеток на воведувањето на меѓународните стандарди, класификации и номенклатури. Значењето на Заводот е големо не само како носител на најголемиот дел на статистичките истражувања во земјата, туку и како координатор на националниот статистички систем.
Во тој контекст, морам да ставам акцент на одличната соработка помеѓу Заводот и Народната банка. Токму заемната поддршка ни овозможува да го подигнуваме квалитетот на целиот статистички систем, за што потврда е и нашето пристапување кон највисокиот статистички стандард на ММФ за дисеминација на податоци – СДДС плус, на почетокот на 2019 година, со што станавме осумнаесеттата земја во светот којашто го исполнува овој стандард.
Ова го истакнува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на почетокот на своето обраќање со коешто во име на Народната банка упати честитка до Државниот завод за статистика, по повод значајниот јубилеј за националниот статистички систем – 75-годишнината од поставувањето на темелите на оваа клучна институција за нашата официјална статистика.
Во обраќањето, Ангеловска-Бежоска се осврнува и на предизвиците коишто на носителите на статистички истражувања им ги задава актуелниот контекст заради пандемијата на ковид-19.
На тимот на Државниот завод за статистика му го честитаме овој голем јубилеј и посакуваме натамошно успешно чекорење кон највисоките меѓународни статистички стандарди. 👏 Народната банка, како дел од националниот статистички систем, активно го дава и ќе го дава својот придонес во овој правец, преку постојана координација со Државниот завод за статистика и другите носители на статистички истражувања.