ПОВЕЌЕ

    6 руски компании на листата на Forbes како најценети

    Време зa читање: 3 минути

     

    Руските енергетски џинови „Роснефт“ и „Гаспром“ воопшто не се на оваа листа.

    Магазинот „Форбс“ во септември го објави третиот годишен список на 250 „најценети компании на светот“, и на него има само шест руски компании.

    Оваа година „Форбс“ се здружи со германскиот интернет-портал Statista, кој испита 15000 луѓе во преку 50 земји и ги оцени компаниите по параметрите на сигурност, општественото однесување, моќта на нивните производи или услуги и начините на кои тие дејствуваат како работодавци.

    На врвот на ранг-листата се наоѓаат компаниите Visa од Сан Франциско, италијанската Ferrari и индиската Infosys, а од руските компании од различни економски сектори се застапени следниве:

    1. Обединета корпорација за производство на авиони #101

    Обединетата корпорација за производство на авиони („Объединённая авиастроительная корпорация“, ОАК) е основана 2006 година како руска државна аерокосмичка и военоиндустриска корпорација, која стана еден од најважните играчи на светскиот авијациски пазар. Корпорацијата обединува повеќе од 30 приватни и државни производители на авијација и активи кои учествуваат во развој, производство и продажба на воени, цивилни, транспортни и беспилотни летала. ОАК, меѓу другото, ги поседува правата за добро познати семејства на авиони како „Сухој“, „МиГ“, „Ил“, „Ту“, „Јак“ и „Бериев“, како и за новите марки SSJ-100 и МС-21.

    2. Россети #121

    Рускиот оператор на електрични мрежи „Россети“ е еден од најголемите дистрибутери на електрична енергија во светот. Компанијата опслужува далеководи долги вкупно 2,25 милиони километри и има 35 компании-ќерки или партнери. Контролниот пакет од 88,04% од акциите го поседува државата преку Федералната агенција за управување со државен имот на РФ („Росимущество“).

    3. Сбербанк #127

    Државната банка „Сбербанк“ е најголемата во Русија со над 14000 филијали на национално ниво и претставништва во 21 земја. Опслужува над 150 милиони клиенти низ целиот свет и вработува преку 300000 работници. Во 2019 година „Сбербанк“ беше прогласена за најмоќен бренд во Русија од страна на агенцијата Brand Finance, со „иновативни решенија ориентирани кон искуството на клиентите и поефикасно работење“.

    4. Лукоил #132

    На руската енергетска компанија „Лукоил“ ѝ припаѓаат преку два проценти од светското производство на нафта и еден процент од истражените резерви на фосилни горива. Компанијата работи во над 30 земји на четири континенти и вработува преку 100000 луѓе. Во 2018 година „Лукоил“ оствари профит од осум трилиони рубли (125,6 милијарди американски долари) и произведе 82 милиони тони сурова нафта (14,8% од вкупната количина нафта произведена во Русија).

    5. ВТБ банка #179

    И оваа руска банка е вброена меѓу 250 најценети компании на списокот на „Форбс“. Минатата година, таа ја доби и наградата на списанието Banker, кое ја  прогласи за „Банка на годината во Русија“. ВТБ е државна банка, исто како и „Сбербанк“. Присутна е и во странство преку компании-ќерки или партнери во Велика Британија, Кипар, Грузија и Ангола и преку филијали во Кина, Индија и Сингапур. Во 2018 година ВТБ банка имаше 16 милиони клиенти ширум светот и 1600 филијали во Русија со 77000 вработени.

    6. Транснефт #250

    Последна на листата на „Форбс“ е руската компанија „Транснефт“, најголемиот оператор на нафтоводи во светот. Опслужува 67600 километри нафтоводи и 500 пумпни станици. Преку цевководите на оваа компанија се транспортира 83% од нафтата произведена во Русија. „Транснефт“ припаѓа на државата и решава стратешки задачи како што се развој на инфраструктурата, диверзификација на енергетските текови и транспорт на нафта на други пазари, вклучително и во земјите од азиско-тихоокеанскиот регион.

    Извор: RBTH

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично