Со годишен обрт на капитал од околу 30 милиони евра и 2600 вработени НИКОБ групацијата се вбројува во една од најуспешните македонски бизнис приказни.
Се започнува од НИКОБ обезбедување. Компанијата која е дел од групацијата денеска одбележа 25 години успешно опстојување на домашниот пазар, но е и компанија – лидер која може да се пофали со најдобри резултати во државата во делот на обезбедувањето на физички лица и имот. Пандемијата отвори нови можности за Никоб, па групацијата прослави и една година од основањето на НИКОБ Медикал, една година од НикобЛаб и пет години од основањето на Центарот за Кеш Услуги.
По повод јубилејот на компанијата во посета денес беше и премиерот Димитар Ковачевски кој се запозна со дел од капацитетите на физичкото обезбедување на НИКОБ обезбедување, патролното обезбедување, транспортното обезбедување, капацитетите на НИКОБ Медикал и НИКОБ Лаб, возилата, медицинските тимови. Посетата беше заокружена со презентирање на Центарот за Кеш услуги и Националниот мониторинг центар, услуги кои се уникатни во Македонија и се на ниво на земјите членки на Европската Унија.
Претседателот на Владата, Ковачевски истакна дека инвестициите на оваа компанија во приватната здравствена заштита се направени токму кога биле најпотребни, во екот на светската здравствена криза со КОВИД-19.
-Инвестициите како оваа денес и развојот на домашните компании се двигател на националната економија и се возможни како резултат и на заложбите на Владата, насочени кон создавање услови за развој на приватниот сектор, но и овозможување услови младите својата иднина да ја градат тука, дома во компании кои се посветени да придонесат кон економскиот развој на државата, но и да вложат во развој на човечкиот капитал, нагласи Ковачевски.
Во последните три години компанијата инвестирала околу 15 милиони евра во сите 4 правни субјекти, и тоа во опрема, човечки капитал, млади доктори и медицински персонал, стипендии, објекти, системи, возен парк итн.
„Ова што го гледате овде не е инвестиција која е направена од денес за утре туку е направена инвестиција која што беше планирана подолго време се разбира дека кризата малку не закочи во завршувањето и со роковите, но таа инвестиција е плод на длгогодишно планирање исто така успеавме да ја издржиме таа инвестиција е благодарение на лојалните клиенти кои што ги имаме на најголемите клиенти во државата исто така и на лојалните вработени. Точно е дека во кризна година се завршија многу работи, но точно е и дека користевме кредитни банкарски линии да го завршиме овој објект и тоа што може да го кажам е дека ќе се гордеам со ова што го направивме. Неодамна ме контактираше едно реномирано списание од Љубљана каде што не стави во рангот на топ 3 фирми во обезбедувањето во целиот регион во однос на сите параметри “,истакна сопственик на НИКОБ групацијата, Кирил Лазаров.
При посетата на премиерот се реализираа и средба со менаџментот на НИКОБ Групацијата на која му беа презентирани идните инвестиции во здравствениот сегмент, но и нов инвестициски циклус во безбедносните системи.Она што компанијата го најави како новина е презентирањето на персоналната камера која ќе биде дел од личната опрема на физичкото, патролното и транспортното обезбедување и интергирање на камери во возилата кои ќе имаат за цел да ги снимаат сите интервенции.
-Го информиравме премиерот за идните инвестициски планови во делот на медицината, зајакнување на капацитетите на обезбедувањето со примена на нови технологии и системи како би ја зголемиле продуктивноста на вработените, а на клиентите би им понудиле уште подобра безбедносна и здравствена заштита. Нашите планови се да го зајакнеме приматот на лидери на пазарот во сегментот на обезбедувањето на имот и лица, со тоа што ќе понудиме услуги кои се уште ги нема во Македонија во делот на приватното обезбедување. Планираме секој вработен од физичкото, патролното и транспортното обезбедување да имаат интегрирана персонална камера на својата униформа, а ќе имплементираме и камери во возилата кои ќе ни даваат јасна позиција и слика кога ќе се интервенира”, информираше Лазаров.
Тој посочи и дека посебно е горд што инвестирале во примарниот здравствен сегмент инвестиција која се покажала како неопходна во најголемата светска пандемија. Со тоа компанијата стекнала доверба на околу 5000 пациенти и поминале над 35.000 киломитери со НИКОБ Медикал како во државата така и во странство, за само една година.
Со само една година постоење на НИКОБ Лаб, компанијата стана лидер во тестирањата за Ковид 19. Со влегувањето на пазарот компанијата практично ги намали цените на приватните тестирања за Ковид 19 за повеќе од 50% и значително го помогнав државниот здравствен систем со брзите медицински интервенции и капацитети.
„Суштината на нашите услуги е дека им помогнавме на граѓаните да имаат избор, да имаат достапност и квалитет и што можеби е најважно прифатливи цени за семејниот буџет. Денес она што е НИКОБ, лидер во обезбедувањето на имот и лица и потенцијален лидер и во здравствениот сегмент не е резултат на некаков поклон или концесија, туку е резултат на напорна работа, добар тим, лојални работници, предвилива работна средина, стратешки концепт за понатаму и постојани инвестиции кои го диктира новото време и барањата на клиентите. Не може нешто да постои и опстои и да се развива цели 25 години ако во тоа не биде вградени принципите на чесност, работливост, инвестиции и иновативен пристап. За нашата работа ние даваме отчет само на нашите клиенти, нашата вредност е во 22 000 задоволни клиенти, база која постојано расте, таа база не ни ја поклонил никој, сами ја стекнавме со работа и визија.Не сме случајно и лидери во тестирањето за ковид 19 со НИКОБ Лаб ниту е случајна бројката од 10,000 интервенции со брзата медицинска услуга на НИКОБ Медикал. Профитот не е наша главна цел, затоа и ги намаливме цените на ковид тестирањата од 5000 ден на 1600 денари и тоа го препозна секој. Е, тоа е пример за вистинска конкуренција, но и искрен пристап кон граѓаните, , вели првиот човек на НИКОБ групацијата.
Лазаров вели не се воделе по брз, нечесен и немилосрден профит во сред најголемата пандемија, туку достапност, брзина, квалитет и цени прифатливи за сите.
“Лидери сме во обезбедувањето на имот и лица, во бројот на клиентите или во тестирањата само затоа што клиентите и граѓаните така избраа”, посочи Лазаров по повод две и пол децении НИКОБ успешно опстојување на македонскиот пазар.