Развојна банка на Македонија во петокот ја повлече првата транша во износ од 16,9 милиони евра за мали и средни компании од заемот од Европската инвестициска банка. Со оваа транша, се обезбедува поддршка на 50 проекти на домашни мали и средни компании и средно-пазарнокапитализирани компании кои ќе вработат нови 90 лица.
Од траншата, најголем дел на средствата, 12.8 милиони евра, се наменети за компании во сегментот на трговијата и производството. Компаниите ги користат средствата од кредитната линија преку матичните комерцијални банки, за заеми за тековни средства со каматна стапка до 1,6 проценти.
-Со заемот на РБМ од ЕИБ, кој се склучи годинава, се обезбедија 100 милиони евра по поволни услови, како директна поддршка на малите и средни компании и средно пазарнокапитализирани компании. Преку заемот, се поддржуваат домашни компании од трудоинтензивните дејности како производство, туризам и услуги, за брзо закрепнување од КОВИД-19 кризата. Заемот од ЕИБ ќе им помогне на компаниите да обезбедат континуитет на деловните процеси и задржување на работните места, а истовремено да ја зголемат својата продуктивност и да ги прошират деловните активности, информираат од Развојната банка