ПОВЕЌЕ

    Јовановски на Скопскиот Економски форум: Мораме конечно да излеземе од менталната матрица на постојано справување со кризи и да почнеме да размислуваме долгорочно за да му помогнеме на бизнис секторот

    Време зa читање: 3 минути

    На бизнис секторот му е потребен амбиент за работа што нема постојано да се менува и затоа мораме да се договориме што ќе правиме и во рамки на државата да постигнеме консензус за долгорочните економски политики. За таа цел Стопанската Комора покрена иницијатива за Декларација на таа тема која би ја потпишале сите општествени чинители: политичките партии, образовни институции, секако и компании од приватниот бизнис сектор, истакна Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија на Економскиот форум, кој вчера се одржа во Скопје во организација на Делфи Економскиот Форум и Грчката бизнис асоцијација во Северна Македонија.

    Јовановски, кој учествуваше на панел дискусијата „ Стратегии за одржување на економскиот раст во време на неизвесност“, потенцираше дека ние како држава мораме конечно да излеземе од менталната матрица на постојано справување со некаква криза и да почнеме да размислуваме долгорочно. На тој начин, во еден поширок контекст, со преземање активности на повеќе пунктови, ќе ја зголемиме ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста на македонската економија, а со тоа и нејзината резистентност на можни шокови во иднина.

    „Треба да разбереме дека досегашниот бизнис модел на најголемиот дел од македонската економија се истроши. Тој генерално се потпираше на два столба на конкурентност: на користењето евтина работна сила и на користењето евтини енергенси. Тоа време заврши и мораме да се менуваме. Тоа значи драматично зголемување на квалитетот на образовниот систем во земјава. Максимално зголемување на енергетската ефикасност, на домашното производство на електрична енергија и на користењето на обновливи извори на енергија заради одржување на каква-таква ценовна конкурентност во однос на цената на електричната енергија. И секако, дигитализацијата и серија мерки во насока на зголемување на конкурентноста на економијата на сите нивоа, вклучително и на јавниот сектор и јавната администрација“, нагласи Јовановски.

    Во дискусијата на панелот Јовановски истакна и дека во услови на геополитички судири и војна на европска почва, помалите земји треба да го направат она што зависи од нив, а тоа е зголемување на регионалната соработка. За нашата економија

    Грција може да биде движечката сила и промоторот во рамки на Европската Унија на евроинтеграциските заложби на Западниот Балкан, со што суштински ќе придонесе за стабилноста на регионот во кој живееме.

    Во однос на инфлацијата Јовановски кажа дека таа нема да исчезне туку така, а неизвесноста околу економските изгледи за годинава за нашите најважни странски пазари ќе биде присутна и понатаму.

    „Со тоа ќе остане неизвесно дали ќе се оствари проектираната стапка на економски раст на македонската економија. Треба да имаме предвид дека некои меѓународни институции веќе ја ревидираа проекцијата надолу. Во такви околности, кога не се знае дали ќе се оствари економскиот раст, ќе остане и предизвикот за јавните финансии, дали ќе се остварат планираните буџетски пригоди и што ако не се остварат“, истакна Јовановски.

    На панел сесијата учествуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими и вицегувернерката на НБРСМ Ана Митреска.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично