ПОВЕЌЕ

    ШТО ТРЕБА ДА ЗНАМЕ ЗА ИНФЛАЦИЈАТА: Kако се мери

    Време зa читање: 3 минути

    Стапката на инфлација е еден од основните економски показатели ширум светот, преку којшто се следи промената на цените во една економија. Во економската теорија, под инфлација се подразбира раст на општото или просечното ниво на цени во економијата. Доколку промената на општото ниво на цени е негативна, односно ако цените во просек бележат пад, тогаш зборуваме за дефлација.

    Денес, постои општ консензус за потребата од одржување ниска и стабилна инфлација, како предуслов за одржлив економски раст и отворање нови работни места. Постигнатиот консензус произлегува од веќе потврдените последици од високата инфлација, којашто создава несигурна средина и со тоа предизвикува нарушувања во одлуките на потрошувачите и инвеститорите. Иако не постои прецизна дефиниција за стабилноста на цените, таа обично се толкува како ниска, позитивна и стабилна инфлација. Само при стабилни цени, вашиот имот ја одржува својата вредност низ годините, инвеститорите се спремни да преземат инвестициски одлуки и економијата во целост се движи напред. Во оваа смисла, стабилниот и предвидлив амбиент е основен предуслов за економски развој. Од овие причини, ценовната стабилност во економијата е најчестата крајна цел на монетарната политика, а воедно ценовната стабилност е основната цел и на монетарната политика на Народната банка на Република Македонија.

     

    Како се мери инфлацијата?

    Инфлацијата се мери и се следи преку соодветен ценовен индекс, којшто опфаќа одреден број производи и услуги. Списокот на производи и услуги, дефиниран за пресметка на индексот, во суштина ја одразува структурата на личната потрошувачка на едно просечно домаќинство. Поради тоа што е невозможно да се направи целосна покриеност, вообичаено се прави избор на производи и услуги коишто се предмет на масовна потрошувачка. Главниот извор на информации за дефинирање на листата на производи и услуги коишто влегуваат во нашиот ценовен индекс е Анкетата за потрошувачката на домаќинствата (којашто се спроведува од страна на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија). Промени во листата на опфатени производи и услуги се прават повремено, со оглед на тоа дека не се случуваат чести промени на куповната листа, но снимањето на цените на производите и услугите се врши секој месец, во определен временски период. Снимањето на цените и пресметката на ценовниот индекс, исто така, се извршува од страна на Државниот завод за статистика.

    Производите и услугите избрани во листата немаат исто значење во потрошувачката на домаќинствата. Затоа, при пресметката на индексот се води сметка секој производ или услуга да бидат претставени на списокот според нивното учество во структурата на личната потрошувачка. Соодветно на тоа, секој производ и услуга добиваат соодветна тежина или значење. Кај нас, тековно, најголемо учество имаат прехранбените производи (околу 40%), коишто најмногу се купуваат, наспроти на пример, производите од категоријата „рекреација и култура“ коишто имаат едно од најниските учества (околу 3%).

    Во нашата економија, Државниот завод за статистика ги пресметува и ги објавува индексите на цените. Постојат повеќе ценовни индекси, при што како мерка за инфлацијата се користи индексот на трошоците за живот, изработен според меѓународни стандарди за класификацијата (COICOP ‒ Classification of individual consumption by purpose). Според оваа класификација, производите и услугите опфатени во овој ценовен индекс се групирани во дванаесет основни групи, коишто опфаќаат повеќе видови производи и услуги.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично