Во првата и втората група на пријавени, одобрени се вкупно 254 кредитни апликации, во износ од 2,2 милиони евра, за компании со 2.853 вработени. По структура, од сите одобрени апликации за кредит, микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 69 отсто, малите компании до 50 вработени со 28 отсто, а средните компании до 250 учествуваат со 4 отсто.
Тоа го покажа извештајот на Развојната банка, кој беше усвоен на синоќешната седница на Владата, а кој се однесува на вториот пакет одобрени барања од обработените апликации на компании кои ги исполнуваат условите за бескаматни кредити, од Јавниот повик од првиот пакет економски мерки.
Како што соопшти Владата, доставата на информациите за обработени кредитни апликации кои исполнуваат услови, ќе се одвива редовно, на неделно ниво, се додека не се исцрпат во целост средствата од кредитната линија Ковид1.
Инаку, досега до Развојната банка се пристигнати повеќе од 1.050 кредитни апликации во износ од 7,5 милиони евра, а најдоцна до крајот на неделава ќе се стапи во контакт со сите компании, заради реализација на договорите за кредит.