Во новата епизода на подкастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“, министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, зборува за состојбата во македонското земјоделство.
И покрај тоа што земјоделството вработува четвртина од населението, Македонија е голем увозник на храна. Според Трипуновски, увозот достигнува речиси 1 милијарда евра годишно, додека извозот е речиси двојно помал.
„Македонија ги има сите предуслови за развиено земјоделство – плодна почва, сончеви денови, доволно вода. Но, сè уште не можеме да произведеме доволно храна за нашите потреби. Зошто? Затоа што нема соодветно менаџирање на секторот и голем дел од ресурсите се лошо искористени“, вели министерот.
Тој додава дека и покрај субвенциите од над 1,5 милијарди евра во последните 17 години, бројот на земјоделци и производството се преполовени. Селата се празнат, а просечната возраст на земјоделците надминува 50 години.
„Ова е алармантна состојба. Мора итно да се фокусираме на модернизација и поддршка за младите земјоделци за да го спасиме овој клучен економски сектор,“ заклучува Трипуновски.
Премиерата е во четврток, во 12.00 часот на пладне, а потоа кога сакате може да не гледате на нашиот YouTube канал кој ќе го најдете ако во пребарување на кирилица напишете пари. Ќе ви се појавиме и тие сме.
Секако, секоја содржина што ја подготвуваме за вас е бесплатна, но затоа многу ни значи ако притиснете „сабскрајб“ и почнете да не следите. Секое добро, и се гледаме премиерно секој четврток или кога и вие да посакате потоа.