Владата на Србија ја измени Одлуката за привремена забрана за извоз и достава на природен гас, со што овој енергенс сепак ќе може да се извезува во Македонија, јави агенцијата Танјуг.
Одлуката е сменета три дена по нејзиното донесување, на 20 октомври.
Привремената забрана за извоз и снабдување е воведена со цел да се спречи заканата од критичен недостиг предизвикан од глобалното нарушување на енергетскиот пазар.
Целта е да се обезбеди сигурно снабдување со гас на српскиот пазар, се наведува во оригиналниот текст на одлуката, од која сега со нов акт е изземена Македонија и таа е единствената земја во која српските компании ќе смеат да го извезуваат енергенсот.
Неколку часа подоцна и Премиерот Димитар Ковачевски преку Фејсбук ја потврди веста. Тој соопшти дека е обезбеден гас од Србија за училиштата и болниците, без да наведе за колкави количини станува збор.
Како што пишува Ковачевски, по интензивна комуникација со српската премиерка Ана Брнабиќ, официјален Белград реши да ја изземе Македонија од забраната за извоз на природен гас.„Преку политиките на добрососедство, тесната соработка во рамки на „Отворен Балкан“, но и партнерскиот однос, во време на енергетска криза обезбедуваме поддршка онаму каде најмногу треба – компресиран гас за училиштата и болниците во многу градови низ земјата, напиша Ковачевски на Фејсбук.
Минатата недела, Србија забрани извоз на гас. Привремената мерка беше воведена со важност до крајот на месецот за да се обезбеди сигурно снабдување на српскиот пазар и да се спречи можна штета по економијата и граѓаните.